Достапни линкови

Повторно приведени дел од обвинетите за насилствата од 27 април


Архивска фотографија

Пет лица обвинети за насилствата во Собранието на Македонија на 27 април минатата година, ноќеска повторно се приведени и пренесени во Истражниот затвор Скопје, по налог на Кривичниот суд, потврдиле за МИА од МВР.

Нивното приведување следува откако вчера државниот јавен обвинител Љубомир Јовески соопшти дека до Кривичниот суд е поднесен обвинителен акт против 30 лица во врска со настаните од 27 април 2017 година. Дваесет и осум лица се обвинети за кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, а две за помагање при вршење на истото кривично дело.

Обвинетите, според јавниот обвинител на РМ Љубомир Јовески, го загрозиле уставниот поредок и безбедноста на РМ со акт на насилство со што создале чувство на несигурност и страв кај граѓаните.

Врховниот суд во понеделникот, одлучувајќи по жалби на осомничените, реши за дел од нив да ги укине мерките притвор и куќен притвор. Од затворски притвор беа пуштени поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Мукоски и Сашо Василевски кои добија мерка куќен притвор.

XS
SM
MD
LG