Достапни линкови

Македонија протерува еден руски дипломат поради случајот Скрипал


Поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија

Македонија одлучи да протера еден руски дипломат, поради случајот Скрипал, информира МНР.

Во соопштението се наведува дека одлуката е донесена „во тесна консултација со нашите сојузници и партнери од ЕУ и НАТО и во солидарност со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска“.

МНР наведува дека протерувањето е во согласност со член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година.

„Користењето на воено хемиско оружје е во спротивност со Меѓународното право и тоа влијае на безбедноста на сите земји“, се наведува во соопштението од МНР.

Претходно денеска, САД, Канада, Украина и 14 земји-членки на ЕУ најавија протерување руски дипломати. Руските власти најавија одговор на реципрочен начин.

Поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија беа отруени со нервен гас во британскиот град Салсбери на почетокот на месецов. Западот ја обвинува Русија дека стои зад нападот. Москва негира вмешаност.

XS
SM
MD
LG