Достапни линкови

Трамп го потпиша буџетот и покрај заканата за вето


Архивска фотографија-претседателот на САД Доналд Трамп

Претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп го потпиша законот за буџетот во висина од 1,3 билиони долари кој претходно го усвои американскиот сенат. Со тоа се избегна блокадата во работата на администрацијата до која ќе дојдеше неколку часа подоцна.

Трамп истакна дека е многу разочаран од пакетот кој го усвои и Конгресот. На својот профил на социјалната мрежа Твитер претходно напиша дека ја разгледува можноста да го блокира предлог буџетот поради недостатокот на пари за финансирање на изградбата на ѕидот на границата со Мексико и за тоа што не се осврнува на прашањата на оние лица кои илегално биле донесени во САД кога биле деца.

На прес-конференцијата во Вашингтон американскиот претседател рече дека потпишувањето на законот за буџетот било прашање на национална безбедност и нагласи дека „никогаш повеќе не би потпишал таков смешен закон“. Тој додаде дека го потпишал за да ги обезбедел потребните пари за војската. Со овој буџет се обезбедува потрошувачката до крајот на фискалната година во септември.

XS
SM
MD
LG