Достапни линкови

Пролетниот снег предизвика проблеми на Балканот


Хрватска-поплавена улица во близина на границата со Босна и Херцеговина

Обилните снежни врнежи и поплавите денеска предизвикаа многу проблеми во голем дел од Балканот, каде повеќе патишта се затворени, поплавени се куќи, а во прекин е и пловидбата долж брегот на Јадранското Море.

Освен во Македонија, снег денеска паѓаше и во Србија, Хрватска и Албанија, што беше изненадување за регионот во рана пролет, додека топењето на снегот во Босна и Херцеговина предизвика поплави.

Хрватските власти наведуваат дека само на мали возила им е дозволено движење по главните патишта кон приморјето, додека камионите и автобусите не можат да сообраќаат. Надлежните апелираат до граѓаните да не тргнуваат на пат.

Поради снегот и дождот во Албанија се отсечени делови од северниот и северозападниот дел на земјата каде се поплавени 5.000 хектари земја, а вода влегла во 680 куќи и училишта. Локалните власти ги евакуирале граѓаните од загрозените области, а околу 200 припадници на воената итна служба на граѓаните во руралните области им доставуваат пакети со храна и вода за пиење. Многу села се без струја и до некои може да се стигне само со чамци.

Во Романија поради обилните снежни врнежи и силниот ветар затворени се училиштата во Букурешт и десет окрузи. Поради снегот затворени се и шест главни сообраќајници, а сообраќајот на другите патишта е ограничен. Повеќе од 50 возови не сообраќаат по распоред.

XS
SM
MD
LG