Достапни линкови

Коѕијас и Димитров се за достоинствено решение и за двете страни


Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас со македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров, Скопје, 23.03.2018

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска по средбата со неговиот грчки колега Никос Коѕијас во Скопје ја отфрли можноста решението за спорот да биде име споено со придавка. Според него, би било тешко да му се каже на македонскиот народ дека таквото име е прифатливо кое доколку се изговори брзо може и да не звучи како Македонија.

„Имам многу аргументи да објаснам зошто тоа не е добриот правец. Важно е дистинкцијата која се обидуваме да ја најдеме да биде достоинствена и да можеме од овој спор да излеземе со кренати глави“, рече Димитров.

Коѕијас посочи дека е за чесно, праведно и точно решение, кое ги зема во предвид главните точки и интереси на двете страни кои се лоцираат преку преговорите. Тој не сакаше да ги коментира позициите, но порача дека уставните измени не се страшни. Според него, тие бараат решение кое што ќе ги задоволи двете страни. Во однос на нацрт спогодбите на Македонија и на Грција, како и онаа на медијаторот Метју Нимиц тој истакна дека документите се со цел да се усогласат позициите и предлозите на страните кои на крајот ќе резултираат со еден текст.

„Потребно ни е едно праведно решение не само решавање на проблеми од минато, туку решение кое ќе создава позитивна иднина, инвестиција за идните генерации и патишта и кое нема да создава нови проблеми“, рече Коѕијас.

XS
SM
MD
LG