Достапни линкови

Владини спинови или помина медениот месец?


Заедничка фотографија на владините коалиционери Зоран Заев и Али Ахмети.

Помина ли медениот месец во владината коалиција или има договор за вртење на вниманието на јавноста од клучните национални, политички и економски теми?Аналитичарите не веруваат дека проблемите и процесите се инструментализирани од владејачките партии.

Изјавите на претставниците на официјалните владини коалициски партнери во јавноста не одаваат впечаток на разногласие, но министерот за правда си даде оставка за случајот со малиот Алмир, на протестите за истиот случај имаше и функционери од ДУИ, а Владата останува на ставот дека судските одлуки се одлуки на правосудните органи како независни институции. Во исто време, СЈО отвори нови истраги во кои за првпат е осомничен лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Тензиите во владината коалиција ќе продолжат да растат, ќе продолжат да се зголемуваат и различните пристапи кон политиката, вели аналитичарот Петар Арсовски.

Но, не мислам дека самата коалиција е под закана, имајќи предвид дека на двете партии политички опортуно им е во моментот да останат во коалиција, бидејќи сите други алтернативи се полоши, така што мислам дека ефикасноста на имплементацијата и политичката координација ќе продолжат да бидат проблематични, но дека суштински проблем во коалицијата нема да се појави, односно лидерите нема да дозволат да се појави“, вели тој.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека протестите за Алмир се изворни и не верува дека се инструментализирани од владејачките партии.

„Барем по организаторите и по составот на тие што протестираа. Мислам дека протестите за малиот Алмир ќе и помогнат на владата за реформските процеси кои планира да се интензивира во правосудството. Не верувам дека протестите се поврзани со случаите на СЈО и со оставката на министерот. Оставката беше добро поздравена од граѓаните, особено од Албанците“, вели Муслиу.

Министерот за правда Билен Саљији си даде оставка, како што рече мотивирана од неуспехот околу случајот со малиот Алмир. Владата тврди дека оставката на министерот е негова лична одлука која нема да ги забави реформите во правосудството. Дел од домашните аналитичари не исклучуваат дека оставката може да е поврзана со најавената реконструкција во Владата, но се убедени дека оставката нема дополнително да го закочи процесот на спроведување на реформи во правосудството.

СЈО отвори три нови истраги. Лидерот на ДУИ и коалициски партнер во Владата, Али Ахмети за првпат е осомничен во случај на Специјалното јавно обвинителство. Обвинителството отвори истраги „Попис“ против Ахмети и против поранешниот премиер и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски за пропаднатиот попис во 2011.

Аналитичарите велат дека во однос на случајот на СЈО во кој осомничен е Ахмети, останува да се види како ќе се одвива процесот.

„Што се однесува како лидери на партии и нивните одлуки, тоа ќе биде уникатен пример каде што одлуки на политичари нанесуваат штета, а за тоа реално треба да видиме кога ќе почне судската постапка во кој правец ќе се движи“, вели Муслиу.

Арсовски вели дека целата ситуација е политички непријатна.

„Но, од друга страна покажува непристрасен пристап на СЈО, што го зголемува кредибилитетот на целиот процес“, вели Арсовски.

Обвинителката Катица Јанева на пресот за новите истраги, зборувајќи за случајот „Попис“ рече дека доказите што ги имаат имплицираат на кривична одговорност на осомничените.

„И во однос на тоа морам да го споменам и извештајот на Прибе, кој вели дека врз основа на прислушуваните разговори, секој треба да понесе кривична и политичка одговорност“, рече Јанева.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG