Достапни линкови

Граѓаните разочарани од поскапувањaта


Илустрација

Кумановци се разочарани од владини мерки за поскапување на нафтата. Очекуваат тоа да се одрази и на другите производи. Велат поскапувањата не биле дел од предизборните ветувања.

Поголемиот дел од граѓаните на Куманово со минимални месечни примања и досега се соочуваа со егзистенцијални проблеми, но како што велат, некако го крпеле животот. Со зголемување на цената на нафтата очекуваат поскапувања и на останатите производи. Разочарани се од овие владини мерки и додаваат дека вакво нешто не било дел од ветувањата.

„Мислам дека сега не очекува еден ценовен шок. Очекувам дека ќе поскапат прехранбените производи, превозот веќе е поскапен, дел од него поскапе пред нова година, некои месечни билети, сега поскапеа и другите. Мислам дека многу негативно ќе се одрази оти со истите плати ќе имаме помалку пари, помала куповна моќ и ќе можеме многу помалку да си приуштиме“, вели една од запрашаните кумановки и додава дека според нејзино мислење буџетот е празен, на владата и недостасуваат финансиски средства.

„Мислам дека сите оние долгови што се земаа изминатите години сега треба да се враќаат, дури ќе треба да се враќаат со камата, па едноставно некој тоа треба да го плати. Меѓутоа можеа да изберат некоја мерка која нема толку негативно да се одрази врз грбот на најсиромашните“, вели анкетираната кумановка.

Запрашаните се едногласни и велат дека со ова поскапување на јавниот превоз граѓаните очекуваат нов бран поскапувања на широк спектар на производи. Ова е многу непопуларна мерка на владата, која силно удира по грбот на граѓаните.

„Најниската плата ја зголемија на 200 евра, со поскапи производи е исто како да земаш сто, а не 200 евра.“

„Тешко, тешко ќе биде. Не требаше ова.“

„Има многу невработени деца, нема пари, нема буџет, затоа бегаат по странство. Со сто и 50, 200 евра кој може да издржи. И 12 илјади денари да се, што ќе прави со тие пари. Плус струја, вода и продуктите се поскапуваат, не може да опстане народот. Страшно е.“

„Тешко. Што да ви кажам, тешко ќе биде и за пензионерите и за младите. Не требаше, зашто новата влада многу ветуваше,а сега се контра е, и не сме задоволни. Многу очекувавме, а сега ништо. Сè беше на црни очи, само тоа“, велат анкетираните.

Тие додаваат дека од сите ветувања во предизборието до ега малку е остварено, а и ако од една страна има позитивни, од друга страна веднаш следуваат негативни промени.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG