Достапни линкови

Одложено е судењето за провизиите за кинеските автопати


Тогашниот премиер Никола Груевски во увид на градежните активности на автопатот Миладиновци-Штип заедно со тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски на 23 јули 2014

Случајот „Траекторија“ се однесува на изградбата на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид. Обвинетите се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и примање награда за противзаконито влијание.

Судењето за случајот „Траекторија“ кој го отвори Специјалното јавно обвинителство, а кој се однесува на изградбата на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид, денеска беше одложено на барање на одбраната, бидејќи во судницата не беа обезбедени услови за тонско и за визуелно снимање на рочиштето. Рочиштетото е закажано за 18 декември за кога, според зборовите на судијата Горан Бошевски, ќе бидат обезбедени услови.

Прашан за договорот со кинеската компанија за изградбата на двата автопати, поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, рече дека сè било направено според закон, кој бил изгласан во Собранието и оти за него гласале и пратениците на СДСМ, тогаш во опозиција.

„Имено, владата на СДСМ, за изградбата на хидроцентралата Козјак направила договор во идентична постапка и на идентичен начин и ја исфинансирала изградбата, а сега кога СДСМ е повторно на власт е направен анекс на договорот кој е усвоен во Собранието и е преточен во закон“, изјави Груевски по завршувањето на рочиштето.

За случајот „Траекторија" обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и екс директорот на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски. Груевски се товари за делото примање награда за противзаконито влијание, а останатите за злоупотреба на службената положба и овластувања.

Според обвинението, тие поттикнати од поранешниот премиер во периодот од октомври 2012 до октомври 2013 година, ги искористиле и пречекориле овластувањата во постапката за избор на компанија која ќе ги гради автопатските делници и на тој начин прибавиле имотна корист за компанијата односно го оштетиле буџетот.

„Поранешни високи владини функционери за кои постои основано сомнение дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатните делници Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања и нанеле штета на буџетот на РМ во износ од најмалку 155.117.172 евра и за истиот износ на компанијата изведувач и овозможиле да се стекне со имотна корист“, изјави обвинителката Фатиме Фетаи кога СЈО прв пат го презентираше случајот пред јавноста.

При процедурата за избор не биле почитувани правилата за спроведување тендер. Осомничените во постапката за барање најдобар изведувач, спротивно на правилата за јавни набавки и спротивно на условите на кинеската влада и кинеската Ексим банка, избрале изведувач што имал поскапа понуда од втората компанија што конкурирала на тендерот.

Во јануари, 2013 година високите владини службеници, иако биле доставени две понуди, разгледувале и одлучиле само за една. Понудата на компанијата која доставила пониска понуда била скриена, по што бил склучен договор само со компанијата која имала повисока понуда. Јавноста прв пат слушна за овие злоупотреби во прислушкуваните разговори кои ги објави лидерот на СДСМ Зоран Заев. Во еден од разговорите се слуша како Груевски и Јанакиески се договараат која компанија да го добие тендерот и колкава би била провизијата од направената зделка.

Инаку, токму во обвинителниот акт за овој случај СЈО обелодени дека Пешевски има 27 банкарски сметки во шест банки во Македонија, од кои 24 се активни. Овој податок од обвинителството го наведоа како аргумент при барањето да му се одреди притвор на поранешниот вицепремиер со образложение дека парите од сметките би можеле да му послужат како средство со кое би се реализирала неговата намера за бегство. Но, и покрај барањето на СЈО да му се одреди притвор на Пешевски, Кривичниот суд донесе одлука само да му се одземе пасошот. Пешевски се жалеше до Апелацискиот суд, но тој само ја потврди одлуката на Кривичен за одземање на пасошот и наложување да се јавува еднаш неделно во судот.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG