Достапни линкови

Вработени во „Трансмет“ блокираат ископ на јаглен во РЕК, оти немаат плата


Работници од компанијата „Трансмент“ штрајкуваат во рудникот „Брод Гнеотино“.
Работници од компанијата „Трансмент“ штрајкуваат во рудникот „Брод Гнеотино“.

Вработени од „Трансмент“ во РЕК „Битола“ бараат да им се исплатат заостанатите плати. Блокирана е механизацијата на фирмата, а не на РЕК, велат работниците. Засега штрајкот не се одразува на производствениот процес во Комбинатот, но ако продолжи, ќе има негативно влијание врз производството на струја.

Повеќе денови неколку десетици работници од компанијата „Трансмент“ штрајкуваат во рудникот „Брод Гнеотино“ при РЕК „Битола“ барајќи „Трансмет“ им ги плати заостанатите плати. Тие својот револт го изразуваат со блокада на багерите и камионите за ископ на јаглен и јаловина што се во сопственост на фирмата „Трансмет“, а најавија дека ако нема исплата за скоро ќе ги блокираат сите влезови во рудникот.

„Има најава дека денес ќе легнеле пари на сметка и ќе не исплател и дека ќе бидеме отпуштени од работа. Ќе земел работници од Кичево, Скопје, Куманово, ќе работеле тука, за два-три месеци немало да му бараат пари. Ете ги, тука од Кичево и Скопје, чекаат во комбето“, рече работникот Васко Петковски.

Вработен сум во „Трансмет“ од ноември и не знам ни дали сум осигуран, ни дали придонеси се платени. За последните пари што ни ги дадоа од фирмата ни рекоа дека е плата, а од банка дека е теренски додаток. За оние кои имаа плус саати одработени им даваат плик на рака. Ги повикуваме институциите да испитаат како се работи и да преземат мерки, да го заштитат работникот еднаш барем“, рече револтирано работникот Љубе Талевски.

„Моментално се блокирани багерите на Трансмет за ископ на јаловина и јаглен. Нема да има ископ дури не ни префрлат плати. Кога ќе префрлат може да работат понатаму. Само оваа фирма е на ископ во рудникот“, рече Иванчо Здравевски.

Работниците кои чекаат плата за еден до три месеци, велат дека не го блокираат РЕК, туку само механизацијата на фирмата. Запрашани зошто одлучиле револтот да го изразат во РЕК, а не пред седиштето на фирмата велат дека ова е најболното место за „Трансмет“, зашто од тука зема пари за склучениот тендер.

Од компанијата „Трансмет“ телефонски ни рекоа дека надлежните се на состанок, па ќе не побарале подоцна. Но, телефонски повик не добивме. Поранешниот сопственик на „Трансмет“ Сеад Кочан, е осомничен во случајот „Труст“ на СЈО, дека со местење на тендери токму за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола го злоупотребил државниот буџет за 17 милони евра.

Од ЕЛЕМ велат дека штрајкот на вработените во „Трансмет“ во моментот не влијае врз производствениот процес во РЕК „Битола“, бидејќи комбинатот има залихи на јаглен. Сепак, доколку во следниот период оваа ситуација продолжи, тоа ќе има негативно влијание врз производството на електрична енергија. Во текот на изминатите денови се одржуваат состаноци меѓу раководството на ЕЛЕМ, РЕК и „Трансмет“ за разрешување на настанатиот проблем.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG