Достапни линкови

Влажните дрва големи загадувачи на воздухот во Битола


Битола.

Влажното дрво емитира некаде околу седум –осум пати повеќе ПМ честички од сертифицирано дрво, покажало истражувањето на регионалното здружение на географи „Геосфера“. Предолозите за надминување на загадувањето се разгледуваат во Општина Битола.

Причините за високите концентрации на ПМ честичките во воздухот во Битола во најголем процент лежат во согорувањето на дрва во огништата на домаќинствата. Од таму доаѓаат дури 70 проценти од ситната суспендирана прашина во воздухот која предизвикува заболувања на дишните и кардио-васкуларните органи. Во Битола над 62 проценти од домаќинствата согоруваат дрво за затоплување, а проблем е тоа што дрвото често е со висок процент на влага. Ова се податоци од најновото истражување за аерозагадувањето направено од страна на Регионалното здружение на географи „Геосфера“.

„Од направените анализи се констатира дека најголем процент на загадување емитираат домаќинствата зашто користат огревно дрво со висок процент на влага и кое создава големи количини на ПМ честички. Според нашите пресметки тие се заслужни за 70 проценти од емисиите на ПМ честичките. Голем број граѓани дојавуваа на нашата фејсбук страница дека им ги носат дрвата во ноември, па дури и во декември, што е причина за огромно емитирање на ПМ честички. Влажното дрво емитира некаде околу седум –осум пати ПМ честички од сертифицирано дрво“, рече Мите Ристов, претседател на „Геосфера“.

Од Здружението предлагаат домаќинствата да добиваат сертифицирано дрво, односно дрво со малку влага.

„Само со примена на една од мерките, односно достава на сертифицирано дрво со низок процент на влага до летните месеци, ќе се намали аерозагадувањето во градот за најмалку 50 проценти“, додава Ристов.

Влажните дрва се големи загадувачи на воздухот, посочува и доктор Елеонора Богоевска од Центарот за јавно здравје во Битола.

„Потребна е едукација на граѓаните како правилно да ги користат дрвата, користење на енергетско ефикасни печки кои ќе вршат комплетно согорување на дрвата. Во иднина огревното дрво треба да се набавува од одредени субјекти, два-три, а не од било каде. Знаеме дека дел од огревниот материјал стигнува во септември, октомври, кога е зелен и влажен и токму тоа е причина за напотполно согорување во текот на грејната сезона“, вели Богоевска.

Предолозите за надминување на загадувањето, меѓу кои и оној за набавка на сертифицирано дрво, се разгледуваат во Општина Битола.

„Мерките се дадени во комисија во Советот, како и во администрацијата во Општината и сериозно се разгледуваат. Она што го воочивме е токму аерозагадувањето што доаѓа од домаќинствата. Тоа не се должи на тоа дека домаќинствата не биле одговорни, туку затоа што пред сѐ државата, општеството не нашло сили да направи друг систем на греење и затоа што генерално земено социјалната состојба на нашите граѓани е таква каква што е, и не е по нивна вина, туку по вина на политикаите кои се воделе“, рече градоначалничката Наташа Петровска.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG