Достапни линкови

Мичел: Единствено трајно решение за името ќе биде заедничко решение


Американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија Вес Мичел

Американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија Вес Мичел денеска по средбата со македонскиот премиер Зоран Заев во Скопје изјави дека САД продолжуваат со поддршка за реформскиот пат на Македонија, како напорите на земјата и на Грција за изнаоѓање решение за спорот за името. Според него, моменталната ситуација е подобра од било кога и Македонија и Грција треба да го продолжат процесот. Вратата за членство во НАТО, како што рече тој, останува отворена и САД ги ценат напорите на Македонија во изградбата на поцврста демократија.

„САД ги поддржуваат Македонија и Грција во напорите да најдат заедничко прифатливо решение за прашањето. Единствено трајно решение ќе биде заедничкото решение. Јас мислам дека Македонија презема огромни чекори напред , како и Грција. Ние сме среќни за напредокот кој е направен и јас мислам дека таму има инзворедна можност“, рече Мичел.

Во однос на претстојниот самит на НАТО, тој повтори дека Македонија има можност да најде решение за спорот за името со кој ќе и се отвори патот на земјата кон Алијансата и кон ЕУ. Во однос на евентуалното вклучување на американската дипломатија доколку процесот на преговори се комплицира Мичел истакна дека пораката е оти САД ќе продолжат да бидат ангажирани на Балканот.

„Ова не е одлука која ние можеме да ја донесеме наместо вас или Грција, но сте на правиот пат и ние сакаме тоа да го охрабриме“, рече тој.

Заев за нацрт-спогодбата од Грција за спорот за името, посочи дека секој документ од било која страна кој ќе помогне е вреден за разгледување.

XS
SM
MD
LG