Достапни линкови

Вести

Судењето за „Тендери“ започна, првообвинета Канческа Милевска

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска објавува документи за истрагата „Тендери“ на СЈО
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска објавува документи за истрагата „Тендери“ на СЈО

Судењето за предметот „Тендери“ на СЈО во кој првообвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска започна денеска во Кривичниот суд. Канческа Милеска се товари за злоупотреби со тендерот за изведување на градежните работи во Музејот на ВМРО, како дел од проектот „Скопје 2014“. Обвинети во случајот се и членови на Комисијата за јавни набавки.

Според обвинителот на СЈО, Стевчо Донев дел од вработените во Министерството за култура не работеле по правилникот и ја злоупотребиле службената положба, фаворизирајќи фирма за изградба на Музејот на ВМРО.

Адвокатот Сашо Дуковски рече дека не постои вина кај обвинетите и не увидел во обвинението дека има некаква штета.

види ги сите денешни вести

Кинескиот претседател Си ги поздрави граѓаните во Белград, следува средба со Вучиќ

Кинескиот претседател Си Џинпинг и српскиот претседател Александар Вучиќ, 8 мај 2024 година
Кинескиот претседател Си Џинпинг и српскиот претседател Александар Вучиќ, 8 мај 2024 година

Вториот ден од посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг на Белград, 8 мај, е резервиран за средба со српскиот претседател Александар Вучиќ и средба на двете делегации.

Си пред Палатата Србија го пречека Вучиќ, кој ја предводи српската делегација, заедно со гардата на српската војска.

Беа интонирани државните химни на двете земји, а беа испукани и 10 почесни плотуни.

Пред билатералната средба меѓу Вучиќ и Си, илјадници граѓани се собраа пред Палатата Србија за да го поздрават кинескиот претседател.

Тие носат српски и кинески знамиња, му аплаудираат на Си и извикуваат „Србија, Кина“.

Вучиќ им се заблагодари што дошле да го поздрават „челичниот пријател на Србија“.

Му кажав дека како лидер и претседател на голема сила ќе биде почитуван секаде во светот, но никогаш нема да биде пречекан со таква почит и љубов како во Србија“, изјави Вучиќ.

Тој оцени дека Кина била со Србија „во најтешките моменти“.

„Како што имаме јасни позиции за прашањето на кинескиот интегритет, дека Тајван е Кина, така и тие ја поддржуваат територијата на Србија без никаква резерва“, додаде тој.

Кина ја поддржува Србија во оспорувањето на независноста на Косово и членството на земјата во меѓународните организации.

Официјален Белград, пак, ја поддржува „политиката на една Кина“, според која островот Тајван, кој себеси се смета за суверена држава, е дел од кинеската територија.

За време на вториот ден од посетата на Си беше најавено потпишување на повеќе од 30 договори, а претставниците на двете земји посетата ја опишуваат како „јакнење на челичното пријателство“, што се рефлектира во инфраструктурната соработка, но и сојузништво во политичките прашања.

Ова е втора посета на Си на Србија во последните осум години, а по пристигнувањето во Белград тој изрази уверување дека посетата „ќе биде плодна и ќе отвори ново поглавје во односите меѓу двете земји“.

„Кина и Србија си пружија цврста поддршка меѓусебно за прашања кои се однесуваат на нашите суштински интереси и големи грижи. Ние заеднички ја поддржавме меѓународната правичност и правда и придонесовме со нашиот удел во промовирањето на мирот и развојот во светот“, рече Си во изјавата објавена од Амбасадата на Кина во Србија.

Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека за посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг на Србија се преземени највисоки можни безбедносни мерки и дека за време на неговата посета ќе бидат распоредени над 6500 полицајци.

Во главниот град од утрото се забележуваат гужви во делот од градот каде што беше најавена средбата.

Тошковски: Безбедносната состојба е стабилна

Панче Тошковски
Панче Тошковски

Денешниот ден, од аспект на безбедносната состојба е стабилен. Министерството за внатрешни работи постапува согласно надлежностите што ги има, изјави денеска техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски по гласањето за изборите во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ во општина Центар.

„Согласно информациите што ги имам од утринава, сите избирачки места се стабилни, отворени. Граѓаните можат да си го остварат своето право на глас во една мирна, фер и демократска атмосфера“, рече Тошковски.

Тој упати порака до граѓаните во текот на денешниот ден масовно да си го остварат своето право на глас и да не дозволат, како што рече, нивната волја да биде киднапирана од страна на било кој субјект и на било каков начин.

Тошковски повика на масовна излезност заради тоа што, како што рече, само така можеме да имаме европски избори кои ќе однесат таму каде што и заслужуваме да бидеме.

„МВР ги има сите човечки капацитети, технички ресурси потребни за да гарантираме еден фер и демократски изборен процес и притоа македонскиот граѓанин слободно, врз основа на сопствено убедување си го оствари своето право на глас, а секој еден кој ќе се обиде на незаконит начин да влијае било како во рамки на овој изборен ден треба да му биде јасно дека МВР во координација со надлежен јавен обвинител и судот ќе делуваат бескомпромисно. Секое незаконито дејствие од страна на секој еден поединец ќе има име и презиме и ќе одговараат пред законот“, изјави Тошковски по гласањето.

Во Севрна Македонија денеска се одржуваат двојни избори-вториот круг претседателски избори и парламентарни избори. Право на глас имаат над 1, 8 милиони гласачи.

САД ја прекинаа испораката на бомби за Израел поради најавената офанзива на Рафа

Чад по израелски воздушен напад во близина на Рафа, јужниот дел на Појасот Газа, 7 мај 2024
Чад по израелски воздушен напад во близина на Рафа, јужниот дел на Појасот Газа, 7 мај 2024

Американските власти минатата недела одложија пратка бомби за Израел, откако еврејската држава не одговори на „загриженоста“ на Вашингтон за најавената офанзива во Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, изјави доцна синоќа (7 мај) неименуван висок американски функционер.

„Минатата недела прекинавме испорака на пратка со оружје. Таа се состоеше од 1800 бомби од 907 килограми и 1700 бомби од 226 килограми. Не донесовме конечна одлука дали таа пратка ќе биде испорачана“, рече претставникот.

Одлуката била донесена затоа што Вашингтон се противи на голема офанзива што ја подготвуваат израелските војници во Рафа.

Вашингтон јасно стави до знаење дека не поддржува офанзива без кредибилен план за заштита на тамошните цивили.

Американскиот претседател Џо Бајден го повтори овој став пред два дена во телефонскиот разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

„Израелските и американските официјални лица разговараа за алтернативите, дискусиите се во тек и сè уште не се целосно решени нашите грижи“, додаде американскиот функционер.

Израелската армија вчера распореди тенкови во Рафа, ја презеде контролата на граничниот премин со Египет и затвори две главни пристапни точки за хуманитарна помош, мерка што САД ја сметаат за „неприфатлива“.

Одзивот за претседателски избори до 9 часот е 4, 17 отсто, а за парламентарни 4,45

илустрација
илустрација

Излезноста на претседателските избори до 9 часот е 4, 17 отсто, а на парламентарните 4,45 отсто, објави Александар Даштевски, претседател на Државната изборна комисија (ДИК) на првата прес-конференција утринава.

Тој вели дека нема бојкот на претседателските избори, бидејќи сите што излегле на парламентарни, гласале и за претседател.

Најголем одзив за претседателските избори има во општина Пробиштип (8, 85 %), а најмала е излезноста во општина Боговиње (0, 57%).

„Одзивот на парламентарните избори до 9 часот е 4,45 отсто. Најголема е излезноста во општината Кривогаштани (9, 46%), а најмала во општина Боговиње (0, 74 %). Во споредба со парламентарните избори во 2020 година, имаме намалена излезност за 0, 74 проценти“, изјави Даштевски.

Тој додаде дека сите гласачки места биле отворени навреме, иако на некои од нив се забележани одредени технички проблеми. На дел од нив со решение на ДИК гласањето се одвива со спреј и УВ-ламба.

До ДИК биле поднесени 15 приговори поврзани со избирачкото право, а од нив само три се одбиени како неосновани.

Во Северна Македонија денеска (8 мај) се одржуваат седми претседателски и 11-ти парламентарни избори. Право на глас имаат 1 814 317 граѓани.

Почина главниот пропагандист на севернокорејскиот режим

Ким Ки-нам
Ким Ки-нам

Почина поранешниот севернокорејски пропагандист Ким Ки-нам, објавија утринава државните медиуми. Имаше 94 години.

„Почина од старост и оштетување на органите, за што се лекуваше од 2022 година“, објави официјалната агенција КЦНА, а пренесе Би-Би-Си.

Ким Ки-нам беше водечки пропагандист на Северна Кореја со децении, служејќи му на владејачкото семејство долго време, каде што придонесе за изградбата на култот на личноста на севернокорејските диктатори.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун присуствуваше на неговиот погреб рано утринава и му оддаде почит на „ветеранот револуционер кој остана безгранично лојален“ на режимот, пренесе КЦНА.

Јужнокорејската новинска агенција Јонхап го спореди со шефот на пропагандата на нацистичка Германија Јозеф Гебелс.

Ким Ки-нам, кој немаше крвно сродство со владејачкото семејство, беше назначен за заменик директор на Одделот за пропаганда и агитација во Пјонгјанг во 1966 година, каде што тесно соработуваше со Ким Џонг-ил, претходникот и таткото на сегашниот лидер Ким Џонг-ун. Ким Ки-нам подоцна дојде и на чело на одделот.

Ким Ки-нам во 1970-тите бил назначен за шеф на државниот весник Родонг Синмун.

Тој со децении беше и главниот автор на политичките пароли на државата и имаше големо влијание врз нејзините медиумски и издавачки активности.

Ким Ки-нам се пензионираше во доцните 2010-ти, предавајќи ја својата улога на сестрата на Ким Џонг-ун, Ким Јо-Џонг, но продолжи да се појавува на јавни настани.

Зеленски: Русија почна масовен ракетен напад врз Украина

илустрација
илустрација

„На Денот на сеќавањето и победата над нацизмот во Втората светска војна, нацистичкиот Путин изврши масовен ракетен напад врз Украина“, напиша утринава украинскиот претседател Володомир Зеленски на мрежата Х.

Според Зеленски, над 50 ракети и повеќе од 20 беспилотни летала Шахед утринава ја гаѓаа инфраструктурата во областите Лавов, Виница, Киев, Полтава, Кировохрад, Запорожје и Ивано-Франковск.

„Сите неопходни служби веќе работат на ублажување на последиците од рускиот терор“, додаде тој.

„Цел свет мора да разбере кој е кој. Светот не смее да му даде шанса на новиот нацизам“, напиша Зеленски на мрежата Х.

Украина во последно време е под засилен бран на ракетни напади од руските сили. Русија ја почна инвазијата врз Украина на 24 февруари 2022 година.

Нетанјаху незадоволен од предлогот на Хамас за прекин на огнот во Газа

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа (7 мај) изјави дека не е задоволен од новиот предлог на Хамас за прекин на огнот, а Хамас, организација која САД и ЕУ ја прогасија за терористичка, предупреди дека нема да има договор доколку продолжи израелската агресија врз Појасот Газа.

Нетанјаху кажа дека новиот предлог на Хамас за прекин на огнот е далеку од основните барања на Израел, додавајќи дека сè уште е неопходен воен притисок за ослободување на заложниците што Хамас ги држи во Појасот Газа.

Израелските сили вчера рано утрината ја окупираа палестинската страна на граничниот премин во Рафа, што Нетанјаху го оцени како „многу значаен чекор кон уништување на преостанатите воени капацитети на Хамас“.

Со оваа воена операција е прекинат клучниот пат за помош до Појасот Газа, што веќе е на работ на глад.

Официјалниот претставник на Хамас, Осама Хамдан, вчера предупреди дека нема да има прекин на огнот доколку продолжи израелската агресија врз Појасот Газа.

Хамдан ова го изјави на прес-конференција во Бејрут, а делегацијата на Хамас во меѓувреме пристигна од Доха во Каиро за да ги продолжи преговорите за прекин на огнот, соопшти Хамас.

„Тврдиме дека воената операција во Рафа нема да биде пикник за (израелската) армија. Топката е во теренот на Нетанјаху“, рече Хамдан.

Тој посочи дека новиот предлог за прекин на огнот со кој се согласи Хамас е „минимумот што одговара на барањата на нивниот народ и неговиот отпор“.

МВР: Лични документи може да се подигнат денеска од 8 до 19 часот

илустрација, лични карти
илустрација, лични карти

Министерството за внатрешни работи информира дека од 8 до 19 часот денеска (8 мај) ќе работи Одделот за граѓански работи односно сите отсеци за управни работи на оваа организациска единица при МВР.

„Исто така, ги известуваме граѓаните дека сите барања за лични карти кои се поднесени до 3 мај 2024 година, се веќе изготвени и граѓаните може да ги подигнат“, информира МВР.

Граѓаните на Северна Македонија денеска гласаат на двојни избори, во втор круг од трката за претседател на државата и на парламентарни избори за нов состав на Собранието кој ќе треба да ја избере идната влада во Скопје.

Право на глас имаат над 1,8 милиони граѓани.

Кинескиот претседател Си Џинпинг пристигна во Белград

Кинескиот претседател Си Џинпинг и српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград, 7 мај, 2024 година.
Кинескиот претседател Си Џинпинг и српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград, 7 мај, 2024 година.

Кинескиот претседател Си Џинпинг вечерва на 7 мај пристигна во дводневна посета на Србија.

Авионот на кинескиот претседател беше придружуван од ловци МиГ-29 од моментот на влегување во воздушниот простор на Србија, а на белградскиот аеродром во негова чест беа построени гардата на војската на Србија, како и фолклорен ансамбл.

Кинескиот претседател беше пречекан од српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерот Милош Вучевиќ и претседателката на Собранието Ана Брнабиќ.

За време на неговата втора посета на Србија во последните осум години, Си ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ и се очекува да разговараат за широк спектар на теми – од политички, економски и технолошки, па се до меѓусебна соработка во областа на културата.

Најавено е потпишување на повеќе од 30 договори, а претставниците на двете земји посетата ја опишуваат како „јакнење на челичното пријателство“, која според нив најмногу се отсликува преку во инфраструктурната соработка, но и партнерството во политичките прашања.

Српската радио-телевизија објави дека се преземени опсежни безбедносни мерки и дека 400-члената делегација на Си ја штитат околу 3.400 припадници на безбедносните сили.

Пред Си во Белград пристигнаа членовите на кинеската делегација, министри и претставници од повеќе институции, а на аеродромот ги пречека вицепремиерот и министер за финансии Синиша Мали.

Пред доаѓањето на кинескиот претседател, Белград беше украсен со знамињата на Србија и Кина, а на рутата од аеродромот до центарот на градот беа поставени пораки за добредојде на српски и кинески јазик.

Утре пак ќе биде организиран и свечен пречек на кинеската делегација пред Палатата Србија.

На вториот ден од посетата предвидена е и билатерална средба меѓу Вучиќ и Си, средби со кинеската делегација и потпишување повеќе договори.

Русија ја стави Фридом Хаус на листата на „непожелни организации“

Логото на организацијата Фридом Хаус
Логото на организацијата Фридом Хаус

Руското државно обвинителство денеска на 7 мај ја прогласи за „непожелна“ во Русија невладината организација за човекови права Фридом Хаус, која има свое седиште во Вашингтон, пренесува рускиот сервис на РСЕ.

Во образложението од обвинителството, меѓу другото, стои и дека оваа одлука е донесена бидејќи „Фридом Хаус се занимава со обезбедување сеопфатна помош за украинската армија, конфискација на „замрзнатите“ руски средства во корист на Украина, како и дека врши зголемен притисок за санкции врз Русија од страна на Западот“.

Фридом Хаус е основана во 1941 година, а оваа организација повеќе од 40 години ја истражува состојбата на политичките и граѓанските слободи ширум светот.

Русија ја прогласи РСЕ за „непожелна организација“
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:46 0:00

Шефот на комисијата на Државната дума за истраги за мешање во внатрешните работи, Василиј Пискарев, на почетокот на март објави дека руските власти ќе го разгледаат прашањето за вклучувањето на Фридом Хаус на списокот на „непожелни организации“.

Пискарев ги обвини активистите за човекови права за „кампања за дискредитирање на изборите во Русија“, поради извештајот на организацијата во кој Фридом Хаус ги карактеризираше претседателските избори во Русија во 2024 година како фалсификат, потсетува Медуза.

Списокот на „непожелни организации“ постои во Русија од 2015 година. Во моментов во него се вклучени 160 субјекти. За евентуална соработка на руски фирми со организации вклучени во оваа листа предвидена е административна и кривична одговорност.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG