Достапни линкови

Оставки во Антикорупциска - не се проблем законите, туку луѓето


Архивска фотографија - Претседател во оставка на Државната комисија за спречување корупција Горан Миленков со дел од членовите.

Прво членовите на ДИК си поднесоа оставки откако во јавноста се обелодени исплаќање на високи суми, а сега истото го прават и членовите на Антикорупциската комисија по сомнежите во јавноста за сомнителни трошења. Упатените сметаат дека не е проблемот во законите, туку во начинот на избор на луѓето.

Не е проблемот во законите, туку во луѓето во институциите, коментираат упатените по оставките на членовите на Државната комисија за спречување корупција поврзани со наводно нелегално трошење пари. Ова е втор ваков случај во последниве четири месеци. Лани во декември сите членови на Државната изборна комисија си поднесоа оставки откако беше обелоденето дека зеле високи бонуси за последните изборни циклуси.

Миша Поповиќ од Институтот за демократија нагласува дека ваквите случаи не може да се превенираат со менување на закони, туку дека тоа може да се спречи со избор на подобри луѓе, односно професионалци со интегритет. Поповиќ сугерира дека системски треба да се смени начинот на селекција на кандидати во ваквите тела, а не како досега партиите да предлагаат луѓе кои потоа треба нив да ги набљудуваат.

„Иако Собранието на крајот ги бира тие претставници, тие всушност треба самите да си се пријават на јавен конкурс, тоа да биде отворено, така што да има некаква конкуренција која ќе придонесе и покрај партиски предлози да се појават луѓе кои можеби ќе изненадат на такви конкурси и јавноста ќе направи притисок до пратениците тие луѓе со интергритет да бидат избрани во телата“, вели Поповиќ.

Овој состав на Антикорупциската комисија беше избран во април 2015 година и имаа мандат од четири години. Тие се избрани по предлог на собраниската комисија за избори и именувања. Составот на ДИК пак кон крајот на истата година го договорија партиите во процесот за реформи што го водеше експертот Питер Ван Хауте, а потоа во декември 2015 година Собранието ги изгласа предлозите.

И политичкиот аналитичар Џељаљ Незири смета дека треба да се смени начинот на избор на членовите на ваквите тела, но додава и дека исклучително е важно да се смени и свеста на луѓето дека корупцијата е лоша и во ниту еден случај не носи нешто добро за општеството. Законите генерално се усогласени со европските, додава Незири, кој исто така изборот на членовите го поврзува со партиите. Според него членови треба да имаат право да предлагаат и други институции.

„Мислам дека треба таква можност да имаат и научните институти, невладините организации и кандидирањето да оди преку некаков јавен конкурс и секој кандидат да има сопствена програма и стратегија која планира да ја реализира за својот мандат“, вели Незири.

Сега, откако двете комисии се испразнија, Собранието повторно ќе треба да избере нови членови. За Државната изборна комисија лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Зоран Заев и Христијан Мицкоски неделaва договорија комплетирањето да биде направено по стариот модел, односно претседателот да биде на предлог на опозицијата, а мнозинството членови по предлог на владејачкото мнозинство.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG