Достапни линкови

„Поткуп“ одложен, Заев очекува да биде нов мандатар


Лидерот на СДСМ, Зоран Заев по рочиштето за случајот „Поткуп“.

Судскиот процес за случајот „Поткуп“ во кој е обвинет лидерот на СДСМ, Зоран Заев е одложен за 23 февруари. Одбраната побара изземање на обвинителот од случајот. Заев по рочиштето посочи и дека очекува да го добие мандатот за формирање на влада по 29 јануари.

Судењето за случајот „Поткуп“, во кој е обвинет лидерот на СДСМ Зоран Заев е одложено за наредниот месец, бидејќи за одбраната не беа прифатливи обвинителите. Одбраната на Заев посочи дека на првичниот обвинител во случајот, Владимир Милошевски му истекол мандатот во Обвинителството за организиран криминал и корупција во ноември минатата година, каде бил времено упатен. Како доказ одбраната приложи издадени од службениот весник и побара тој да биде сменет, бидејќи ќе ги оспорува сите негови дејствија во случајот, кои подоцна може да бидат укинати.

Додека траеше паузата на која судскиот совет одлучуваше по барањето на одбраната, во судницата дојде друг обвинител од обвинителството за организиран криминал и корупција. Но одбраната на Заев, побара изземање и на обвинителот Златко Биковски.

Заев пред судот посочи дека Биковски е дел од организирана група која користејќи ги државните институции исклучиво од политички причини преку монтирани процеси го гонат него, како шеф на опозицијата. Според него, тоа се докажало и со тоа што Биковски покренал и други обвиненија против него и го водел и случајот Пуч.

Неговата одбрана посочи дека има и писмени докази за тврдењата и побара од судот рок од еден до три дена да ги достави. По повторната пауза од два часа, Биковски соопшти дека барањето за негово изземање пристигнало во обвинителството по што судијката го одложи рочиштето за 23 февруари. По судењето Заев рече дека како што тргнало комплетно ќе ја разобличат неправдата во Македонија.

„Денеска навистина се случи една катарза, врв на срамот во правосудството во Македонија“, истакна Заев.

Заев се товари за барање и примање поткуп од струмичкиот бизнисмен Иван Николов Сачевалиев, кој е сведок во случајот и кој не беше присутен на рочиштето. Заев информираше и дека решението за обвинението за случајот Пуч од кое се откажа СЈО го добиле неговите адвокати.

Заев: Очекувам по 29 јануари, мандатот да го добие СДСМ
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:01 0:00

Околу преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за формирање влада, Заев посочи дека после 29 јануари очекува мандатот да биде во негови раце, бидејќи мнозинството на граѓани се определиле за промени. Според него, согласно Уставот и законите, претседателот Ѓорге Иванов, доколку ВМРО-ДПМНЕ не успее да формира влада, ќе треба да му го предаде нему.

„Време е оваа криза да заврши. Кризата ќе заврши преку формирање на влада, конституирање на Парламентот, избор на претседател на Парламентот и нормално да тече работата на институциите. Секако јас како шеф на опозицијата верувам дека владата ќе биде предводена од СДСМ“, порача Заев.

На прашањето за платформата на албанските партии, Заев рече дека има многу што да кажат по прашањето, но таа е наменета за ВМРО ДПМНЕ, која го има мандатот.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG