Достапни линкови

Јункер во посета на Македонија


Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.

Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер својата балканска турнеја ја почнува денеска со посета на Македонија, во рамки на која до 1 март ќе ги посети сите шест земји од Западен Балкан.

Јункер во земјава доаѓа во придружба на комесарот за проширување Јоханес Хан. Посетата е дел од нивната турнеја во регионот по повод Стратегијата за проширување на ЕУ со земјите од Западниот Балкан.

Претходно беше најавено дека со претседателот на ЕК во Македонија ќе престојува и високата претставничка за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, меѓутоа, како што јави дописникот на МИА од Брисел, таа не доаѓа во Скопје и оти имало грешка во агендите. Могерини ќе има посебно патување во регионот наскоро, но се уште не е утврден датумот.

Јункер е предвидено да се сретне со премиерот Зоран Заев, а по тет-а-тет средбата делегацијата на Владата ќе одржи и пленарна средба со делегацијата на ЕУ.

Неколку часовната посета на делегацијата на ЕУ на Македонија треба да заврши со зедничка пресс конференција на Јункер и Заев.

Деновиве портпаролот на Жан Клод Јункер на новинарите, кусо им одговори дека претстојната посета на регионот е одраз на обновениот интерес и динамиката која ЕК сака да ги внесе.

Претходно овој месец Европската комисија ја претстави својата нова стратегија за интегрирање на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија.

Во неа приемот за Црна Гора и Србија во ЕУ се предвидува до крајот на 2025 година, со тоа што пристапните преговори би завршиле во 2023 година.

Македонија и Албанија се очекува да ги почнат преговорите во 2019 година, но во неа Комисијата порачува дека нема да увезува билатералните спорови.

Турнејата по Западен Балкан, првиот човек на ЕК ќе ја заклучи со посета на Бугарија, која во моментов претседава со ЕУ.

XS
SM
MD
LG