Достапни линкови

Холандскиот амбасадор повторно повикан во турското МНР


Архива: Луѓе тагуваат во Меморијалниот музеј на ерменскиот геноцид во Ереван.

Турското Министерство за надворешни работи денеска го повика холандскиот амбасадор во Анкара, еден ден откако пратениците во Холандија гласаа за признавање на масовните убиства врз Ерменците од страна на Отоманската империја за време на Првата светска војна, како геноцид, објави турската новинска агенција Анадолија.

Ова беше втор пат оваа недела да биде повикан холандскиот амбасадор Ерик Вестстрат во Анкара. Тој исто така минатата недела беше повикан во Министерството, откако стана јасно дека холандските пратеници ќе продолжат со признавањето.

Турција „жестоко“ ја осуди резолуцијата која доби огромна поддршка од холандските пратеници, со само тројца кои гласаа против велејќи дека „нема правен обврзувачки карактер или валидност“, известува Анадолија.

Холандските пратеници исто така усвоија одделна резолуција повикувајќи претставници на владата во април да бидат испратени во главниот ерменски град Ереван на комеморација за жртвите.

Прашањето за масовните убиства и депортација на 1,5 милиони Ерменци од страна на отоманските Турци е многу чувствително прашање и за Ерменија и за Турција.

Ерменија вели дека тоа е еден од првите примери на геноцид во модерната историја, пред Холокаустот што го спроведе нацистичка Германија против повеќе од шест милиони Евреи за време на Втората светска војна.

Турција негира, велејќи дека Ерменците загинале во многу помал број во услови на граѓанска војна, а не планиран и системски напад на отоманската влада против христијанското малцинство.

XS
SM
MD
LG