Достапни линкови

Продолжуваат воздушните напади врз сириската област Гута


Сирија - човек проверува оштетена зграда во источна Гута. 20.02.2018

Воени авиони денеска петти ден по ред ја бомбардираат Гута – последната бунтовничка енклава во близина на главниот сириски град Дамаск, откако ОН се изјаснија за стопирање на едни од најжестоките воздушни напади во седумгодишната граѓанска војна.

Повеќе од 300 гранати ја погодија источна Гута, убивајќи 13 луѓе, а 100 се повредени, соопшти денеска Сириската опсерваторија за човекови права. Од 18 февруари во Гута се убиени повеќе од 300 луѓе и стотици други се повредени, според набљудувачите и организациите за помош кои велат дека сириски и руски авиони гаѓаат болници и други цивилни цели.

Воздушните напади доаѓаат откако генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш повика на итно запирање на „сите воени активности“ во областа, каде луѓето, како што рече, живеат „во пеколот на земјата“, а германската канцеларка Ангела Меркел ја повика ЕУ да направи притисок врз Русија и Иран да го запрат насилството во Сирија.

„Режимот не се бори против терористи, туку против своите луѓе, убивајќи деца, уништувајќи болници и овој масакр треба да се осуди“ рече Меркел во Парламентот.

Кремљ негираше дека Русија има било каква одговорност за ситуацијата во источна Гута.

„Одговорни се оние кои поддржуваат терористи. Русија, Сирија и Иран не се во таа категорија земји, бидејќи тие водат апсолутна војна против терористите“, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.

XS
SM
MD
LG