Достапни линкови

Русија и Иран да извршат притисок врз Асад да запрат нападите во Источна Гута


Германија ги повика Русија и Иран да извршат притисок врз сириската влада да стави крај на „масакрот“ во Источна Гута во близина на Дамаск, откако независните набљудувачи соопштија дека за два дена биле убиени над 250 цивили. Портпаролот на германската канцеларка Ангела Меркел, Стефан Сајберт рече дека без поддршката од Русија и од Иран, режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад ќе мора да покаже поголема подготвеност за преговори во процесот во ОН.

Францускиот претседател Емануел Макрон, пак, денеска рече дека неговата земја „енергично“ ги осудува воените активности во Источна Гута и повика на „прекин на огнот“ заради евакуација на цивилите и доставување на хуманитарна помош. Тој рече дека сирискиот „режим и некои негови сојузници одлучиле да го таргетираат цивилното население и веројатно некои од неговите противници“.

Западните земји, ОН и хуманитарните организации реагираа на „разурнувачките“ напади и на тактиката на „опсада и изгладнување“, која ја користат сириските и руски воени авиони и хеликоптери против енклавата под контрола на бунтовниците во близина на Дамаск.

Канцеларијата за човекови права на ОН соопшти дека од засилувањето на владината офанзива во Источна Гута на 4 февруари загинале најмалку 346 луѓе, а 878 се ранети, најголем дел во воздушните напади врз населените места.

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, вели дека нападите се насочени против „тероризмот“, а не против цивилите.

„Според постојните договори, борбата против тероризмот не може да биде ограничена со ништо“, рече денеска тој.

Сириското Министерство за надворешни работи, пак, ги обвини милитантите во Гута дека го напаѓаат Дамаск и дека ги користат луѓето како „човечки штит“.

XS
SM
MD
LG