Достапни линкови

„Коцкар“ на Пројковски како лажна претстава за самите себе


Сцена од претставата „Коцкар“
Сцена од претставата „Коцкар“

Работена како прва претстава од годинaшната програма, Народниот театар од Битола, в сабота на 17 февруари премиерно ја изведе „Коцкар“ од Ф. М. Достоевски во режија на Дејан Пројковски. Во проектот, за кој се вели дека е „едно сизифовско пропаѓање до дното“, а чии ликови „се постојано меѓу рајот и пеколот“, играат Огнен Дранговски, Илина Чореска, доајенката на македонското глумиште Јоана Поповска и уште 13 актери на овој ансамбл.

По нецели четири години од „Каренина made in Macedonia“ работена по текст на Венко Андоновски, режисерот Дејан Пројковски на сцената на Народниот театар во Битола се враќа со „Коцкар“ од Фјодор Михајлович Достоевски, најзначајниот руски писател и столб на реализмот како литературен правец.

Објавен 1866 година „Игрок“ или „Коцкар“ е роман кој говори за еден млад учител (Алексеј Иванович) кој е вработен кај богат пензиониран руски генерал и неговото семејство времено сместени во хотел во германскиот град Рулетенбург. Делото е напишано во многу краток рок за да бидат отплатени коцкарските долгови на авторот и ја отсликува неговата зависност од рулетот.

За Дејан Пројковски секогаш е предизвик да се работи Достоевски затоа што, како што вели, „целиот човечки универзум е сместен во неговите дела, а Коцкар е доста провокативен роман“.

„Целата претстава е едно сизифовско, но не искачување туку пропаѓање до дното или до дуплото дно како што би рекол Горан Стефановски. Ликовите во претставата постојано се меѓу рајот и пеколот. Преку пеколната машина рулетот ги гледаме сите страсти на човекот, лажното дефинирање на среќа и затоа самата претстава во еден момент станува трагикомична, бидејќи тие се борат да создадат лажна претстава за самите себе. Работејќи на претставата сфатив дека главниот лик Алексеј Иванович, може да се каже дека е руски Хамлет и во таа смисла драго ми е што таа улога му ја доверив на Огнен Дранговски“, ќе рече режисерот во пресрет на премиерната изведба.

Дранговски, пак, забележува дека тој го игра човекот кој предизвикува се* на двобој. Ја предизвикува Европа, го предизвикува 21 век, иако е напишан во 19 век.

„Тој лик се соочува со лицемерниот однос на Европа кон нас Славјаните, Варварите или како што самиот се нарекува Еретик. За жал и ден денес е така низ Европа и каде што одиме нè потценуваат со она што го носиме самите себе си. Мојот Алексеј Иванович се бори против стерилноста на Европа. Против стереотипите на Европа. Против стереотипите и на целото општество што нас и денес не опкружува овде во Македонија. Но, како што вели тој – јас нема да се одречам од тоа што сум. И намерно влегува со главата во ѕидот и почнува да игра рулет. Можеби на почеток несвесно влегува во тој вител, но потоа свесно го прави за да се уништи самиот себе си и да дојде до својата катарза. Пропаѓањето да биде летнувањето кон небото“, вели тој.

Од друга страна, актерката Илина Чоревска која ја толкува Полина Александрова ќе рече дека се обидува на сцена да исправи лик на една многу комплексна жена којашто се наоѓа растргната помеѓу своите емоции и фамилијарната состојба.

„Таа е длабоко погодена од ситуацијата во којашто се наоѓа, а истовремено тоа го изразува на некоков садо-мазохистички, па и мазохистички начин. Односот којшто го има со Алексеј Иванович, со учителот во семејството, е многу специфичен и барем јас до сега не сум се сретнала со една љубов која е многу различна од сите други во драматургијата и која барем јас сум ја одиграла“, вели таа.

Во „Коцкар“ ликот на бабата го толкува легендарната Јоана Поповска, тука се првенците Митко С. Апостоловски и Петар Мирчевски, потем Соња Ошавкова, Катерина Аневска-Дранговска, Николче Пројчевски, Марјан Ѓорѓиевски, Сандра Грибовска, Елена Моше, Петар Спировски, Александар Димитровски, Никола Стефанов, Анастазија Христовска и Благој Јовановски.

Инаку, Пројковски и овојпат својот концепт за тотален театар го развиваше со своите постојани соработници кореографката Олга Панго, композиторот Горан Трајковски, сценографот Валентин Светозарев и костимографот Благој Мицевски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG