Достапни линкови

Милчин и АРТОПИЈА со „Ужегнатост“ како претстава за нашето време


Uzegnatost 1

Работена по текст на чешкиот автор Иван Вискочил, а во режија на Владимир Милчин, „Ужегнатост“ е третата продукција на здружението АРТОПИЈА. Премиерата на претставата чија порака е дека недемократските режими се можни и повторливи е закажана за в среда, во Детскиот театарски центар, во Старата скопска чаршија.

Во центарот на градот се наоѓа таинствената Бела палата. Граѓаните не знаат која институција е сместена во палатата. Службениците кои се вработени во неа постојано носат шапки. Граѓаните не знаат дека под шапките службениците носат путер. Тие носат шапки и под нив путер на главите и кога се на своите работни места во Белата палата, и кога одат по улица, и кога по работното време ќе појдат на пијачка. А кога ќе дојдат дома, ги симнуваат шапките и путерот го оставаат во фрижидерите за да не се истопи.

Однатре, Белата палата е всушност огромен фрижидер во кој службениците седат со путер на главите. Платени се со путер на главите да ги пречекуваат шефовите кога овие, разбеснети поради проблемите, ќе влетаат и ќе се истурат врз главите на службениците. Ќе се олеснат врз наведнатите глави на службениците кои не знаат како изгледаат шефовите. Не смеат ни да ги кренат главите.

Еден ден, системот доживеал хаварија. Во Белата палата снемало струја, путерот почнал да ужегнува, да се топи и да се слева по лицата на службениците. Подот на салата станал мочуриште од пожолтена смрдлива лигавица на која се лизнал еден од главните шефови и буквално се искршил на парчиња. И тогаш службениците сфатиле дека нивните шефови биле гипсени скулптури, пиедестали и скелиња...

Кафкијанската гротеска се расплеткува пред гледачите во текот на истрагата што ја води еден не многу агилен истражител кој со два прста удира по машината за куцање.

Ова сублимирано е содржината на „Ужегнатост“, третиот проект на здружението АРТОПИЈА кој доаѓа по исклучително успешните „Да ми го поздравиш и да ми го бациш“ и „Експеримент“, чија премиера е закажана за оваа среда, на 7 февруари во 21:00 часот, во Детски театарски центар, во Старата скопска чаршија.

Ужегнатост, постер
Ужегнатост, постер

​Претставата е работена по текст на чешкиот автор Иван Вискочил, а во режија на Владимир Милчин. Во неа играат актерите Симона Спировска Костовска, Наташа Петровиќ, Тамара Ристоска, Ненад Митевски, Бојан Кирковски и Мартин Јорданоски. Сценографија е дело на Крсте С. Џидров, долгогодишниот соработник на Милчин, за костимографијата се погрижиле Марија Пупучевска и Бранкица Јордановска, преводот од чешки и адаптацијата се на Ема Маркоска Милчин, технички координатор е Кирил Мечалов, извршен продуцент Радослав Гогушевски, а продуцент Филип Николовски.

Иван Вискочил, пак, во родната Чешка и разбирливо во светски рамки (преведуван е и кај нас), е познат писател, педагог, режисер, актер, драматург, та дури и автор на научна фантастика. Некогаш дипломираниот психолог рано ја напуштил својата професија и му се посветил на театарот и посебно на експериментите во и со него. Тој своевремено му припаѓал на кругот на иницијатори на малите сцени, односно на малите театри и нивната потрага по современи и пред се ангажирани текстови.

Од таму разбирливо е посегањето на АРТОПИЈА и режисерот Милчин по „Ужегнатост“ како предлошка да се проговори за една „социјално-политички ангажирана тема која ја разглобува всушност пресијата од авторитетите“.

Затоа не случајно во текстот публикуван пред премиерата на претставата стои дека секое време, си носи свое бреме. Дека секој политички систем, си носи свои маани и предности... но дека наедно постојат негативни општествени појави, човечко однесување и реакции, кои се провлекуваат низ сите периоди на човековото постоење, а посебно се потенцираат во системи и ситуации на режимско владеење.

И, згора на тоа како дополна ќе биде запишано дека овој проект е суптилна критика на потчинетоста на одредена група „привилегирани“ луѓе(службеници), чија неспособност, безгласност и понизност служи како алатка за манипулација на обичниот народ, од страна на „големите“ политички величини.

Владимир Милчин чиј творечки ракопис и ангажиран пристап во театарот и е добро познат на македонската, па ако милувате и регионалната публика, во контекст на ова ќе забележи: „Недемократските режими се можни и повторливи зашто секогаш ќе се најдат доволно луѓе кои се подготвени за ситни привилегии да го носат на главите путерот на господарите. Тоа е пораката на оваа претстава, во која гледачите ќе го препознаат нашето време“.

Конечно АРТОПИЈА како продукција, со третата по ред силно ангажирана претстава во само нецели две години колку што функционира, со енергија својствена на талентирани и самосвесни уметници, започнуваат да испишуваат нови и возбудливи страници од македонскиот театар. Да се бават бескомпромисно со нашата реалност. Со социјалниот и политичкиот моментум на земјата во долга и агонична транзиција.

„Убедени сме дека и во иднина треба да останеме кај оваа форма на театар и овој израз бидејќи сметаме дека театарот во секој случај треба да биде актуелен и да говори за актуелни теми коишто не мачат сите условно кажано кои живееме сега и овде. Секој театарски, секој уметнички проект на некој начин треба да биде коректив на негативните појави во општеството, без разлика на тоа кој ќе биде на чело на државата и која е неговата реална моќ“, вели продуцентот Филип Николовски.

Кон ова само уште информацијата дека билетите за премиерата на „Ужегнатост“ се продадени, а првата реприза на претставата во Детски театарски центар, во Старата скопска чаршија, е веќе во четврток на 8 февруари.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG