Достапни линкови

Децата најголеми жртви на општеството


Тетово

Што и да се случува, најмногу се одразува на децата. Загадениот воздух најмногу ги разболува, а негативната атмосфера во домот и семејството ги зголемува девијантните појави кај тинејџерите.

Децата сè повеќе стануваат жртви на последиците од големиот број општествени проблеми како што се загадувањето на воздухот и постојаната политичко-економска нестабилност, алармираат претставниците на службите поврзани со јавното здравје и социјалната работа. Најмладите, за разлика од порано, почесто се разболуваат, а и кај однесувањето на тинејџерите се бележи зголемување на девијантните поведенија.

Доктор Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје во Тетово вели дека децата поради загадениот воздух не го уживаат универзалното право или максима на Светската здравствена организација дека секој човек има право да дише, да јаде, да пие во здрава животна средина како предуслов за развој на општеството и економијата во една држава.

„Колегите што работаат во ординациите, практичари, што се среќаваат во секојдневието со болестите на нашето поднебје, сè повеќе и повеќе алармираат на пореметување на когнитивните функции кај мали деца. Се мисли на помнењето, на мислењето, на меморијата. И тоа е една од препораките како понатаму да постапуваме, да внимаваме како се однесуваме со оваа проблематика зашто ни растат деца со пореметени когнитивни функции“, рече Давидовски.

Запознавајќи го светот на возрасните во кој има многу нарушени човечки односи, тензија и насилство, децата сè повеќе се учат на негативно однесување. Оливера Цветковска, психолог во Центарот за јавно здравје, вели уште дома, во самите семејства, децата се среќаваат со лоша атмосфера и отстапување од нормалното функционирање.

„Во сегашните семејства не постои правилна комуникација. Тоа е толку ретко да видите едно семејство седнато заедно на маса да руча или да вечера, при тоа да се кажуваат проблемите, да се изнаоѓаат решенија за тие проблеми. Секој си е во својот свет, со својот телефон. И тука веќе нема нормална комуникација. И тука нема нормален развој на едно дете. Ниту пак има нормални брачни врски. И затоа сè почесто се собира гневот, во секој од нив, како кај децата, така и родителите. Е сега родителите сè уште можат да си ја контролираат нервозата. Меѓутоа децата не можат. И таа нервоза ќе ја извадат преку тепачки, разбојништва“, вели Цветковска.

XS
SM
MD
LG