Достапни линкови

Стратегијата на ЕУ со насоки за земјите од Западен Балкан


Високата претставничка на ЕУ Федерика Могерини и комесарот за проширување Јоханес Хан

Високата претставничка на ЕУ Федерика Могерини и комесарот за проширување Јоханес Хан денеска во Стразбур ќе ја претстават Стратегијата за проширување на Европската унија на Западен Балкан.

Европската комисија денеска ќе ја објави Стратегијата за проширување на Европската унија на Западен Балкан во која се наведува дека сите земји во регионот имаат можност да напредуваат на европскиот пат врз основа на сопствени заслуги и брзината со која ќе ги остварат реформите. Документот во францускиот град Стразбур ќе го претстават високата претставничка на ЕУ Федерика Могерини и комесарот за проширување Јоханес Хан по што ќе следи расправа во Европскиот парламент.

Стратегијата треба да ги даде насоките за пристапување на Србија и Црна Гора во ЕУ до 2025 година, како и за идните чекори што на патот кон ЕУ ги очекуваат Албанија, Македонија, БиХ и Косово. Стратегијата ќе им биде упатена и на земјите членки, кои за неа ќе расправаат на самитот во идниот месец.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи изјави дека 2018 е година кога треба да се реши спорот со Грција за името, оти веќе следната година настануваат нови околности, чиј исход не може да се предвиди.

Коцките се наместени, треба да се најде решение и тоа да се материјализира во конкретни чекори. Во 2019 коцките се изместуваат. Причините за јасни. Во 2019 година цела Европа е на избори за Европскиот парламент, Грција има избори и Македонија исто така, и тешко ќе биде и внатре во државите да најдеме можност за решение. Затоа велам дека 2018 е безалтернативна“, рече Османи во интервју за емисијата „Само вистина“ на Канал 5.

Според него, доколку оваа година не се пронајде решение, се влегува во еден непредвидлив период, сличен на тој по Самитот во Букурешт.

Од Европската комисија претходно соопштија дека освен на стратегијата, работат и на редовниот годишен извештај за напредокот на земјите од Западен Балкан кој треба да се објави во април, годинава. Извештајот ќе биде пресек на состојбата во сите земји во процесот на евроинтеграцијата и препораките на ЕК за секоја од нив одделно.

Од ЕК посочија дека во 2018 година ќе има уникатна шанса за неповратно приближување на Западен Балкан кон ЕУ, но за тоа да го постигнат земјите од регионот мораат да им дадат највисок приоритет на реформите во областа на владеењето на правото, правосудството и основните права.

Македонските власти влегоа во последните два месеци од спроведувањето на планот 3-6-9 кој треба да ја забрза македонската евроатланска интеграција. Во меѓувреме интензивирани се и разговорите за решавање на спорот за името со Грција.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG