Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ бара Заев да каже што прифатил во Давос


Премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас во Давос, Швајцарија

ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение бара премиерот Зоран Заев да ја информира јавноста за кое име е подготвен, дали ќе има англиска транскрипција и дали истото е само за меѓународна употреба, откако Заев изјави дека е прифатливо име со географска одредница.

„Дали освен неговата подготвеност за име со географска одредница, постои подготвеност и за отстапки кои се однесуваат на промена на уставот, јазикот, националноста и меѓународните кодови на Република Македонија?“, прашуваат од опозициската партија.

Од партијата велат дека Заев и должи одговор на јавноста што сè има прифатено во Давос, доколку се точни наводите на грчкиот министер за надворешни работи. Доколку не е точно дека е постигнат договор, граѓаните очекуваат да бидат демантирани информациите кои се лиферуваат од грчка страна, стои во соопштението.

Понатаму се наведува дека ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека не постои иредентизам во името на аеродромот и автопатот.

„Јавноста очекува одговор и на прашањето дали преименувањето на аеродромот и автопатот се дел од некаква поширока стратегија за решавање на спорот со соседна Република Грција или претставува еднострана отстапка од страна на Република Македонија“, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

XS
SM
MD
LG