Достапни линкови

Вести

Казахстан: Осудена жена која планирала учество во ИД

Судење на жена во Казахстан која планирала да се приклучи на милитантната група ИД во Сирија.
Судење на жена во Казахстан која планирала да се приклучи на милитантната група ИД во Сирија.

Судот во централен Казахстан осуди 30-годишна жена на девет години затвор за обвиненија дека планирала да се приклучи на милитантната група Исламска држава (ИД) во Сирија.

Судот денеска пресуди дека обвинетата, која е идентификувана само со нејзиното име (Жансаја T.) е виновна за подготовка за придружување кон терористичка група.

Обвинителот рече дека планирала да патува во Сирија каде имала намера да работи како медицинска сестра за милитантите на ИД. Таа исто така е прогласена за виновна за обид да убеди тинејџер да се приклучи кон терористичката организација.

Жената, која беше уапсена во септември, се изјасни дека не е виновна велејќи дека била наместена од страна на офицери од Комитетот за национална безбедност на Казахстан.

Казахстанските власти велат дека стотици жители на земјата се борат заедно со ИД и други милитанти во Сирија.

види ги сите денешни вести

Украина соопшти дека соборила 65 руски беспилотни летала во текот на ноќта

илустрација
илустрација

Воздухопловните сили на Украина во среда (22 јануари) соопштија дека Русија во текот на ноќта извршила напад со 99 беспилотни летала, од кои 65 се соборени, а 30 други исчезнале од радарите без да стигнат до своите цели.

Воздухопловните сили пријавија штета во шест региони низ Украина како резултат на нападот.

Русија лансираше речиси секојдневни напади со беспилотни летала кон својот сосед во изминатите неколку месеци.

Во меѓувреме, руските војници ја презедоа контролата врз населбата Западне во северниот дел на украинската област Харкив, објави новинската агенција Интерфакс, повикувајќи се на Министерството за одбрана.

Ројтерс не можеше независно да ги потврди овие извештаи од фронтот.

Епидемија на грип во пет градови во Бугарија

илустрација
илустрација

Во пет области во Бугарија е прогласена епидемија на грип, објавија денеска (22 јануари)локалните медиуми.

Епидемија е прогласена во Хасково, Видин, Јамбол, Пловдив и Благоевград.

Во Хасково и Видин мерките се веќе на сила, а во Јамбол од денеска децата се префрлени на онлајн настава.

Во Пловдив и Благоевград се забранети посети во болниците. Во градинките и училиштата нема да се примаат болни деца. Во изминатите четири дена бројот на заболени од грип во Пловдив е зголемен за 35 отсто.

Во Благоевград се воведува обврска медицинскиот персонал да носи заштитни маски во медицинските установи.

Се очекува од утре и Варна да прогласи епидемија на грип. Таму веќе се воведуваат посебни мерки за спречување на ширењето на грипот, јавија бугарските медиуми.

Калас: Трамп е во право дека ЕУ „не троши доволно“ за одбрана

Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас
Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас

Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас изјави дека блокот мора да го послуша барањето на американскиот претседател Доналд Трамп да троши повеќе за одбраната.

На прес-конференција во Брисел, таа упати остро предупредување за закана од Русија.

„Претседателот Трамп е во право кога вели дека не трошиме доволно. Време е да инвестираме“, рече Калас.

Според неа, САД мора да останат „најсилниот сојузник на Европа“.

Американскиот претседател Трамп очекува сојузниците на Соединетите Држави во НАТО да потрошат повеќе пари за оружје и муниција. Предлогот на Трамп членките да издвојуваат пет проценти од БДП за одбраната беше отфрлен од повеќето земји.

Калас, меѓудругото повика на нов договор за одбрана што ќе го поврзе блокот со поранешната членка Британија како „клучен партнер“ во соочувањето со заканата од Русија.

„Потребен ни е взаемно корисен однос за безбедноста и одбраната. Нов договор за ова е логичен следен чекор“, порача Калас.

Ден на жалост во Србија за загинатите во пожарот во дом за стари лица

Последици од пожарот во Домот за нега на стари лица во белградската општина Бараево
Последици од пожарот во Домот за нега на стари лица во белградската општина Бараево

Вo Србија денеска (22 јануари) е Ден на жалост поради смртта на осум лица во пожар во дом за стари лица во белградската општина Бараево.

Одлуката за прогласување Ден на жалост ја донесе српската влада на вчерашната седница.

Осум луѓе загинаа, а седум беа повредени во пожарот во Домот за возрасни и стари лица „Ивановиќ“ во Велики Борак, Бараево.

Полицијата во врска со пожарот уапси три лица, меѓу кои и одговорното лице за објектот, поради сомнение дека сториле тешко кривично дело против општата безбедност, што предвидува затворска казна од две до 12 години.

На фотографиите од местото на настанот може да се забележи дека е опожарен речиси целиот покрив на зградата, која според податоците од евиденцијата на Министерството за труд, вработување и социјала имала капацитет за 29 лица. Но, според податоците објавени по вонредниот надзор на инспекцијата, било констатирано дека во моментот на несреќата во домот биле згрижени 34 корисници.

Шолц на средба со Макрон во Париз

Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц (архивска фотографија)
Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц (архивска фотографија)

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска (22 јануари) планира да отпатува во Париз на средба со францускиот претседател Емануел Макрон. Средбата која најверојатно ќе биде на пладне, се случува на два дена по инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Покрај идното позиционирање на ЕУ во однос на САД, разговорите најверојатно ќе се фокусираат и на војната во Украина и конфликтот на Блискиот Исток.

Шолц не е единствениот водечки германски политичар кој патува во Франција во моментов.

Анке Релингер, претседателка на Горниот дом на парламентот, Бундесратот, од вчера до четврток е во Париз и треба да се сретне со претседателите на двата дома на францускиот парламент, Националното собрание и Сенатот.

Министерот за одбрана Борис Писториус в четврток (23 јануари)во Париз ќе има средба со својот колега Себастиен Лекорну.

Четворица повредени во напад со нож во Тел Авив

илустрација
илустрација

Четири лица се повредени во напад со нож во Тел Авив, соопштија израелските служби за итна помош, пренесе ДПА.

Напаѓачот бил застрелан од случаен минувач на местото на инцидентот.

Нападот се случил во центарот на градот, во популарна област со многу ресторани и кафулиња.

Полицијата не ја исклучува можноста дека се работи за терористички напад.

Ова е втор напад со нож во Тел Авив за четири дена.

Минатата сабота, уште еден човек беше тешко повреден во сличен инцидент, а осомничениот напаѓач беше застрелан од вооружен минувач.

Средба Мицкоски-Касаноф: Европската перспектива е клучен приоритет

Средба Мицкоски-Касаноф, 21 јануари 2025
Средба Мицкоски-Касаноф, 21 јануари 2025

Премиерот Христијан Мицкоски денеска (21 јануари) се сретнал со помошник државниот секретар на САД за западен Балкан, Александар Касаноф.

Мицкоски вчера (20 јануари) присуствуваше на дел од инаугурациските активности на новиот претседател на САД, Доналд Трамп, што се оддржаа во Вашингтон.

„Во рамки на разговорите се осврнавме на стратешките прашања од суштинско значење за Македонија, неопходната поддршка од нашиот долгогодишен стратешки партнер САД, како и на актуелните предизвици со кои се соочува нашата држава и регионот. Европската перспектива на Македонија и нејзината активно изразена улога во рамките на НАТО претставуваат клучни приоритети во нашата стратешка визија за иднината“, наведува Мицкоски во објавата на социјалните мрежи.

Премиерот вчера остварил средба и со претседателот на Републиканската партија на САД, Мајкл Ватли со кого го проследиле поздравниот говор на американскиот претседател Доналд Трамп.

Мицкоски на свеченоста „Гласови на слободата“ организирана од компаниите „Трамп медиа“ и „Рамбл“, која се одржа по инаугурацијата, остварил средба со Ден Бонџино, еден од најблиските соработници на Трамп и најпознат политички десничарски коментатор.

„Нашите аргументи и позиции се јасни и нашето стратешко партнерство со САД и администрацијата на Претседателот Трамп се силни. Се бориме дома за повисоки плати, пензии, нова инфраструктура, подобро здравство, поконкуретно образование, брзо растечка економија итн., но се бориме и во Брисел, Берлин, Париз, Лондон, Вашингтон итн, нашиот глас е се посилен“, истакна Мицкоски за средбата.

Касаноф и Мицкоски претходно се сретнаа во Скопје на 5 декември минатата година.

Тогаш Касаноф истакна дека иднината на Северна Македонија е светла и САД ќе продолжат со поддршката за исполнување на основните цели како просперитетна демократија, целосно интегрирана во ЕУ.

Тоа беше прва посета на Касаноф во Скопје, кој на оваа позиција дојде во јули 2024 на местото на Ескобар, чиј мандат на оваа функција истече во мај минатата година.

Рубио: САД ќе работат на ставање крај на војната во Украина

Новиот американски државен секретар Марко Рубио положи заклетва пред американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, 21 јануари 2025 година
Новиот американски државен секретар Марко Рубио положи заклетва пред американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, 21 јануари 2025 година

Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска (21 јануари) рече дека завршувањето на руската војна во Украина ќе биде официјална политика на САД под претседателот Доналд Трамп, како дел од целта на новата администрација да промовира мир.

Поранешниот сенатор, познат по својот цврст став кон Кина и поддршката за Израел, е првиот од кандидатите за функција во кабинетот на Трамп кој положи заклетва, бидејќи Сенатот едногласно ја потврди неговата номинација во понеделникот вечерта.

За време на сослушувањето минатата недела, новиот американски државен секретар рече дека и Москва и Киев ќе мора да направат отстапки за да ја прекинат војната и сугерираше дека Украина ќе мора да се откаже од својата цел да ја врати целата територија што Русија ја зазеде во изминатата деценија.

Рубио ги повтори тие коментари на телевизијата NBC денеска, пред церемонијата на положување заклетва.

„Официјалната политика на Соединетите Држави ќе биде дека војната мора да заврши и ние ќе направиме се што е можно за да го постигнеме тоа“, рече тој.

Поранешниот претседател Џо Бајден, кој испрати оружје во вредност од милијарди долари во Украина откако Русија започна инвазија на земјата во февруари 2022 година, инсистираше на тоа дека Украина треба да одлучи дали и кога да влезе во мировни преговори со Русија.

Трамп за време на изборната кампања рече дека брзо ќе ја заврши војната, без да каже како ќе го направи тоа.

Рубио рече дека ќе биде „комплицирано... бидејќи секоја страна ќе мора да даде нешто“.

„Единствениот начин на кој овие конфликти завршуваат е ... не во јавни изјави“, рече Рубио.

„Тие завршуваат со цврстата, енергична дипломатија што САД се обидуваат да ја спроведат, надевајќи се дека ќе го завршат овој конфликт на одржлив начин што ќе ја гарантира безбедноста на Украина и нашите партнери во регионот и што ги запира убиствата и умирањето и уништувањето што го гледаме веќе подолго време“, рече Рубио.

Тој беше долгогодишен член на Сенатскиот одбор за надворешни работи и разузнавање. Овој син на кубански имигранти, исто така, се залагаше за строги мерки против островската држава со која владеат комунистите и нивните сојузници, особено владата на венецуелскиот претседател Николас Мадуро.

Говорејќи во Белата куќа, откако положи заклетва, Рубио вети дека ќе ја спроведе надворешната политика на Трамп „унапредувајќи го националниот интерес на оваа земја“.

Тој додаде дека друга надворешнополитичка цел под Трамп ќе биде „промоција на мирот“.

Извор: Ројтерс

Си и Путин разговарале за Трамп, Украина и Тајван

Претседателите на Кина и Русија, Си Џинпинг и Владимир Путин, на состанок за време на самитот на БРИКС, Казан, 22 октомври 2024 година.
Претседателите на Кина и Русија, Си Џинпинг и Владимир Путин, на состанок за време на самитот на БРИКС, Казан, 22 октомври 2024 година.

Рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг денеска (21 јануари) разговараа за тоа како да се изградат врски со американскиот претседател Доналд Трамп, изгледите за мировен договор за ставање крај на војната во Украина и силната поддршка на Москва за ставот на Пекинг кон Тајван.

Си и Путин, кои разговараа еден час и 35 минути преку видео-врска еден ден откако Трамп положи заклетва, ветија дополнително продлабочување на стратешкото партнерство на нивните земји, што го загрижува Западот.

Кина и Русија прогласија партнерство „без ограничувања“ во февруари 2022 година, кога Путин го посети Пекинг, неколку дена пред да испрати десетици илјади војници во Украина. Во последните месеци Путин зборуваше за Кина како „сојузник“.

Рускиот претседател, зборувајќи од неговата резиденција Ново-Огарево надвор од Москва, и Си, зборувајќи од Големата сала на народот во Пекинг, меѓусебно се нарекоа „драг пријател“, а Си го информираше Путин за минатонеделниот разговор со Трамп за ТикТок, трговијата и за Тајван.

Си и Путин „укажаа на нивната подготвеност да градат односи со САД на заемна корисна основа со взаемно почитување, доколку тимот на Трамп навистина покаже интерес за тоа“, изјави за новинарите во Москва, помошникот за надворешна политика на Кремљ, Јуриј Ушаков.

„Од наша страна беше констатирано и дека сме подготвени за дијалог со новата американска администрација за украинскиот конфликт“, додаде тој.

Ушаков рече дека Путин сака долгорочен мир во Украина, а не краткорочен прекин на огнот, но дека секој договор мора да ги земе предвид интересите на Русија. Тој додаде дека нема конкретни предлози за разговор со Трамп.

Трамп, пак, рече дека ќе биде строг кон Кина и ќе разговара со Путин за ставање крај на војната во Украина. Во изјавата за новинарите по инаугурацијата, тој рече дека Путин треба да направи договор за ставање крај на војната бидејќи конфликтот ја уништува Русија.

Си претходно повика на разговори за ставање крај на војната во Украина и ги обвини САД дека ја поттикнуваат војната со снабдување со оружје за Киев, кој вели дека е подготвен да бара решение преку преговори, почитувајќи ги своите интереси.

Трамп го опиша Си како „добар играч на покер“ и рече дека „одлично“ се согласува со Путин, но дека за време на неговиот прв мандат го предупредил рускиот лидер дека САД би можеле да ја нападнат Москва ако Москва оди понатаму во Украина.

Путин и Си споделуваат сличен светоглед, кој го прикажува Западот како декадентен и во опаѓање, додека Кина се обидува да ја оспори надмоќта на САД во многу области.

„Заеднички сме посветени на градење поправеден мултиполарен светски поредок и работиме во интерес на обезбедување неделива безбедност во евроазискиот простор и светот во целина“, рече Путин.

Ушаков рече дека видеоповикот меѓу Путин и Си бил планиран пред инаугурацијата на Трамп.

САД ја сметаат Кина за свој најголем конкурент, а Русија е најголемата закана од која било земја.

Во однос на Тајван, Ушаков рече дека Русија ја „потврди својата непоколеблива позиција за поддршка на принципот една Кина“.

Кина го смета Тајван, остров со демократска влада, за своја територија и Си во новогодишниот говор рече дека никој не може да го спречи „повторното обединување“ на Кина со Тајван.

Владата на Тајван ги отфрла тврдењата на Пекинг. Таа наведува дека само народот на Тајван може да одлучи за својата иднина и дека Пекинг треба да го почитува изборот на тајванскиот народ.

Извор: Ројтерс

Зеленски повикува на заедничка европска одбранбена политика

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на економскиот форум во Давос, 21 јануари 2025 година.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на економскиот форум во Давос, 21 јануари 2025 година.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска (21 јануари) изјави дека Европа треба да развие заедничка одбранбена политика и да биде подготвена да ги зголеми трошоците за одбрана за да ја гарантира сопствената безбедност од нови закани.

Тој на Светскиот економски форум во Давос рече дека Европа треба да биде подготвена да застане на свои нозе и мора да работи за да остане релевантна како „силен глобален“ играч, еден ден по инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп , кој бара од земјите-членки на НАТО да ги зголемат трошоците за одбрана.

Зеленски посочи дека Европа има помало влијание врз Вашингтон бидејќи САД веруваат дека нивните сојузници не придонесуваат доволно за безбедноста.

„Дали некој во САД се грижи дека еден ден Европа може да ги напушти - дека може да престане да биде нивен сојузник? Одговорот е не“, рече Зеленски.

Тој додаде дека Европејците треба да смислат обединета безбедносна и одбранбена политика и алудираше на изјавата на Трамп пред инаугурацијата кога тој предложи големо зголемување на трошоците за одбрана на НАТО до пет проценти од бруто домашниот производ (БДП).

„Ако за одбрана се потребни пет проценти од БДП, нека биде пет проценти. И нема потреба да се игра со емоциите на луѓето дека одбраната треба да се компензира на сметка на лекови или пензии - тоа не е фер“, рече Зеленски.

Украинскиот претседател го посочи распоредувањето на севернокорејските трупи во западна Русија како илустрација за, како што рече, зголемена закана за европската безбедност.

„Европските лидери треба да го запомнат ова – битките во кои учествуваат севернокорејски војници сега се одвиваат на места кои се географски поблиску до Давос отколку до Пјонгјанг“, рече тој.

Тој укажа и на неодамнешниот пакт меѓу Русија и Иран за зајакнување на нивната економска и воена соработка, наведувајќи дека договорот е пример за промена што претставува закана за Европа.

„Против кого прават такви зделки? Против вас, против сите нас“, рече украинскиот претседател.

Изјавата на Трамп за време на кампањата дека брзо ќе ја заврши војната во Украина ги поттикна шпекулациите во Киев и Европа за потребата од безбедносни гаранции за да се спречи иден руски напад, со идеја за контингент на мировници.

Зеленски рече дека ќе биде потребен контингент од најмалку 200.000 европски мировници како дел од решението за ставање крај на војната со Русија.

„Од сите Европејци? 200.000, тоа е минимумот. Тоа е минимумот, инаку не е ништо“, рече Зеленски на прашањето за идејата за мировна мисија на панелот по говорот.

Тој рече дека Украина нема да ги прифати руските барања за драстично намалување на големината на нејзината војска, предвидувајќи дека рускиот претседател Владимир Путин ќе бара Украина да ги намали своите вооружени сили на една петтина од нејзината големина.

„Тоа е она што тој го сака. Нема да дозволиме тоа да се случи“, рече Зеленски.

На панелот по говорот, Зеленски рече дека Украина работи на организирање средба со Трамп.

„Тимовите работеа на средба, моментално се во процес“, рече Зеленски за напорите да се договори средба со Трамп.

Извори: АФП и Ројтерс

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG