Достапни линкови

Националистички пораки на протестот во Атина


На познатиот плоштад Синтагма во Атина се уште трае долгонајавуваниот протест Македонија е грчка. Истиот започна со извици „Македонија“, а се одржува под силни безбедносни мерки. Ангажирани се 19.000 полицајци, а затворени се улиците и метро-станиците.

Паралелно со протестот на плоштадот Синтагма, на оддалеченост од само 800 метри, анархистите одржуваат контрапротест, односно антифашистички собир.

Во меѓувреме, анархистите ја презедоа одговорноста за нападот со боја врз домот на познатиот композитор Микис Теодоракис, пишува грчкиот весник Катимерини.

Тие го осудуваат Теодоракис, кој е еден од главните говорници на денешниот протест во Атина против името, затоа што застанал со „националистите и патриотите“ игнорирајќи ја работничката класа во земјата која секојдневно е напаѓана со разни закони и мерки.

„Твојата приказна започна во планина и ќе заврши на националнoто тонење на плоштадот Синтагма“, напишале напаѓачите.

Според полицијата, напаѓачите користеле црвена боја која ја фрлиле врз влезот на куќата на композиторот која се наоѓа во главниот град на Грција.

Микис Теодоракис е познат грчки композитор а во деведесетите бил и член на парламентот како дел од конзервативната грчка партија Нова Демократија, иако политички често бил асоциран со грчката левица поради неговите долгогодишни врски со Комунистичката партија во Грција.

Теодоракис прв се обрати на големиот протест во Атина. Славниот композитор упати остри критики до грчката влада, но и до нашата земја. Освен што кажа дека Македонија е грчка, тој побара и референдум.

"Ако една грчка влада помисли да го стави потписот на земјата за сложено име, нема друг избор освен да го праша грчкиот народ. Упатувам повик до пратениците, кои го имаат тоа право да побараат референдум", рече Теодоракис.

XS
SM
MD
LG