Достапни линкови

Рекордната загаденост на воздухот повторно ги активира мерките


Загаден воздух, смог и магла во Скопје. 14.12.2017
Загаден воздух, смог и магла во Скопје. 14.12.2017

Потребни се мерки кои ќе се применуваат постојано, а не само кога состојбата е алармантна, велат екологисти, откако повторно стапија во сила владините мерки против загадувањето.

Рекордната загаденост на воздухот во Скопје повторно ги активира владините мерки, но се чини дека тие се задоцнети. Екологистите апелираат дека треба да се воведе стратегија која ќе се одвива во континуитет за да може слободно да дишат граѓаните.

Од Министерството за животна средина велат дека бесплатниот јавен превоз и ослободувањето од работни обврски на бремените жени, лицата постари од 60 години, и болните како и другите итни мерки што владата ги усвои пред повеќе од еден месец стапуваат во сила од денеска.

До ова доаѓа откако жителите на Скопје неколку дена дишат загаден воздух, но Беса Татеши од Министерството за животна средина вели дека итните мерки што Владата ги усвои пред повеќе од еден месец стапуваат во сила во случај кога во два последователни денови на две мерни станици ќе се измерат концентрации од над 200 микрограми.

Денеска во Скопје се прогласи вонредна состојба, зашто условите за прогласување се создадоа согласно уредбата. Треба два дена во Скопје најмалку во две станици концентрацијата на ПМ10 честичките да е над 100. Доколку по два дена откако се врши нотификација и понатаму два дена се над 200, тогаш се прогласува алармантна состојба. Значи четири дена концентрацијатата на ПМ честички ако прво e над 100, па 200 тогаш се прогласува аларманта состојба“, вели Татеши.

Според мерењата на Министерството, концентрациите на ПМ10 честички достигнале над 200 во Лисиче и Гази Баба, а кај Ректорат биле измерени концентрации од над 300.

Инаку, концентрациите на ПМ10 честичките, според мерењата на Министерството за животна средина и просторно планирање, во саботата достигнаа 426 во Лисиче, а во неделата во Лисиче во текот на ноќта до утрото повторно е измерена највисоката концентрација од 596.

Што се однесува на работата на индустриските капацитети, од Министерството за животна средина велат дека од Цементарницата Усје имаат допис добиен на 8-ми јануари во кој е наведено дека не работат и оти две печки им се во мирување. Во врска со депонијата Дрисла која и натаму го гори медицинскиот отпад во печка која не ги исполнува стандардите, од Министерството наведуваат дека депонијата работи, но со намален капацитет.

Екологистите сметаат дека треба да се воведат мерки кои ќе се применуваат постојано, а не само кога состојбата е алармантна.

„Ние во секој случај алармиравме и претходно до Градот дека и покрај тоа што загадувањето можеби не е енормно мерките треба да се преземаат цело време. Мерки од типот за намалување на прашината од градилишта и од сообраќајот треба да се прават и во периоди кога не алармантна загаденоста. Така што оној принцип каде применуваме мерки само кога е многу загадено нема да вроди плод на долг рок“, изјави Ана Чоловиќ од Еко Свест.

Меѓу итните мерки што Владата ги усвои пред повеќе од еден месец се препорака да се ослободат од работни обврски ранливите категории, да се реорганизира работното време за оние кои работат на отворено од 11 до 17 часот, да се зголемат инспекциските контроли на градилиштата, а државниот Инспекторат за животна средина треба да изврши ограничување на емисиите од Б-интегрираните дозволи и помалите стопански капацитети и да вршат зачестена контрола на инсталации кои поседуваат А-интегрирана дозвола.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG