Достапни линкови

Ахмети предлага решение за името со Грција по моделот на Договорот со Бугарија


Архивска фотографија-Претседателот на ДУИ Али Ахмети

Според моделот на Договорот за добрососедство со Бугарија, со консензус меѓу двете влади, а потоа ратификација во двете собранија, да се затвори прашањето за името, предлага лидерот на ДУИ Али Ахмети во интервју за „Катимерини“. Тој, вели дека подобро време за договор од сега не постои и објаснува дека владата ќе преговара за да се постигне договор, а не само за да преговара.

Под наслов „Решение сега, без референдум“, неделното издание на грчкиот весник „Катимерини“, јавува дописникот на МИА од Атина, ги пренесува ставовите на претседателот на ДУИ, Али Ахмети во врска со преговорите за името меѓу двете земји.

“Најдобар начин за затворање на ова прашање е моделот на Договорот за добрососедство меѓу Скопје и Софија, преку консензус меѓу двете влади, а потоа ратификација во двете собранија”, вели Али Ахмети во интервјуто за, објаснувајќи дека владата и опозицијата имаат историска одговорност да постигнат решение и да ги одведат граѓаните и земјата во НАТО и ЕУ.

“Ќе учествуваме во преговорите за да постигнеме решение, а не само за да преговараме. Потребно ни е решение, и нас во Скопје и вас во Атина. А подобро време од сега не постои”, потенцира Ахмети, пренесува МИА.

Во однос на предлозите и идеите на Нимиц, вели дека владата заедно со опозицијата ги разгледува и се обидува да има позитивен и конструктивен пристап.Лидерот на ДУИ, објаснува дека терминот „Македонија“ бил дел од предлозите и во 2008 во Букурешт, но и во 2011, во рамките на предлогот „Република Северна Македонија“.

“Терминот Македонија во името на нашата земја не претставува закана за територијалниот интегритет и суверенитет на Грција”, вели Ахмети за „Катимерини“ и им порачува на Грците да бидат сигурни дека нашата земја нема никаква територијална или било каква друга претензија од нивната земја, и дека е апсурдно да се претпоставува такво нешто.

Ахмети предупредува дека не решавањето на проблемот може да ги негува старите ставови за нови граници на Балканот.

Во однос на тоа дали и колку е можен политички консензус во Македонија за прашањето за името, Ахмети упатува критики до претседателот Ѓорѓе Иванов, а за опозицијата објаснува дека поддржува решение на проблемот.

“Господинот Иванов испушти одлична можност за да ја подобри неговата слика кај албанската заедница, оставајќи и негов белег во завршувањето на регулативниот дел на Охридскиот договор. Тој одбра да остане на патот на законитоста заглавена на линиите од партијата. Јас очекувам да нема ист пристап и за толку сериозното и долгогодишно прашање за името”, вели претседателот на ДУИ во интервјуто за неделното издание на грчкиот весник „Катимерини“, пренесува МИА.

XS
SM
MD
LG