Достапни линкови

Законот за јазиците утре пред пратениците, ВМРО-ДПМНЕ поднесе над 32.000 амандмани


Архивска фотографија-седница на Собранието на Република Македонија

Собранието на Република Македонија утре во 11 часот треба да ја почне 32. седница на која на дневен ред е Законот за употреба на јазиците. До третото читање на законот доаѓа откако претседателот на државата Ѓорге Иванов не го потпиша указот за законот и испрати забелешки до Собранието.

Седницата за овој закон претседателот на Собранието Талат Џафери ја закажа во предвидениот рок и го стави на повторно гласање, а за законот ВМРО-ДПМНЕ поднесе и рекордни над 32.000 амандмани. Толкав број амандмани досега не се поднесени за ниту еден закон во Собранието.

Амандамните се поднесуваа постепено вчера и завчера од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, а по завршувањето на рокот вчера во 16:30 часот од собраниските служби информираа дека примиле над 32.000, додека од опозициската партија за МИА посочија дека станува збор за над 30.000. Содржината на амандманите, според Деловникот, мора да биде во согласност со укажувањата на претседателот Иванов.

Партиите од владејачкото мнозинство СДСМ и ДУИ, како и Беса не поднесоа амандмани за законот. СДСМ преку соопштение реагираше посочувајќи дека очигледно било дека ВМРО-ДПМНЕ нема капацитет да ги напушти политиките на деструкција и на блокади, коишто предизвикувале политички тензии, поделби и раздор во општеството.

Поднесените амандмани ќе се разгледуваат само на пленарна седница. Предлагачите на амандманите имаат право на три минути да го образложат секој амандман поединечно, така што според одредени пресметки за тоа ќе бидат потребни 145 дена. Координаторите имаат право и на процедурални забелешки од по три минути. За да биде донесен амандман потребно е за него да гласа 61 пратеник. Пратеникот Влатко Ѓорчев кој ги координира пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието во петокот најави дека тие ќе настапуваат „како и досега“ односно со десет пратенички групи.


XS
SM
MD
LG