Достапни линкови

ПАСОК побара од Ципрас ерга омнес име со географска одредница


Архивска фотографија-премиерот на Грција Алексис Ципрас

Правни гаранции што „ќе ги отстранат иредентизмот и фалсификувањето на името“, заедно со сложено ерга омнес име со географска одредница и свикување на лидерска средба се барањата до грчкиот премиер од претседателката на ПАСОК и лидер на Демократската коалиција.

Фофи Генимата по средбата со Алексис Ципрас, јавува дописникот на МИА од Атина, го повторила ставот дека владата започнала со преговори без да постои национална линија и без да има консензус во владината коалиција.

“И денеска ја повторив потреба за комплетно решение на прашањето на Скопје со сложено име со географска одредница за севкупна употреба и со сите правно обврзувачки гаранции кои ќе го отстранат иредентизмот, но и фалсификувањето на историјата. Вчера побарав свикување на Совет на лидерите на политичките партии затоа што господинот Ципрас продолжи кон преговори без, како што требаше и како што треба, да ја има потврдено националната линија и без да обезбеди консензус ниту во внатрешноста на неговата влада. Дволичноста и радикалните гласови ги отежнуваат преговорите и не им служат на националните интереси, рече лидерката на Демократската коалиција”, пренесува МИА.

Фофи Генимата и Алексис Ципрас, во рамките на денешните активности на грчкиот премиер за информирање на лидерите на политичките партии за последните случувања во македонско- грчките односи, повеќе од еден час разговараа за грчките национални прашања, со акцентот ставен на спорот со името.

Во почетниот дијалог пред камерите, во траење од околу 20 секунди, јавува дописникот на МИА од Атина, во добра и опуштена клима, Генимата и Ципрас разменија информации за возраста на нивните деца.

XS
SM
MD
LG