Достапни линкови

Состанок на државно-политичкиот врв за името


Архивска фотографија-Клуб на пратеници во Скопје.

Државно-политичкиот врв денеска ќе одржи координативен состанок на кој ќе се разгледува иницијалната рамка за решавање на разликата за името меѓу Македонија и Грција, што ја предложи медијаторот на Обединетите нации Метју Нимиц на 17 јануари во Њујорк.

Состанокот се одржува на иницијатива на Министерството за надворешни работи во Клубот на пратеници во 18 часот. На него, како што соопшти МНР, ќе учествуваат претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и претседателот на ДУИ Али Ахмети.

Посредникот на ОН Метју Нимиц, како што е најавено, следната недела ќе ги посети Грција и Македонија. Нимиц ќе биде во Атина на 29 и 30 јануари, а во Скопје на 31 јануари и 1 февруари.

Нимиц, по последната рунда преговори за прашањето за името во Њујорк, изјави дека решение за спорот е на повидок, со што ќе се стави крај на 27-годишниот спор меѓу Грција и Македонија.

Преговорите за името отсега ќе се водат на повисоко ниво. Како што најави премиерот Зоран Заев, по средбата со неговиот грчки колега, Алексис Ципрас во Давос преговорите се подигнуваат на ниво на министри за надворешни работи.

XS
SM
MD
LG