Достапни линкови

Ји: Македонија и Грција имаат вистинска можност за договор за името


Архивска фотографија- заменик помошникот на државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Хојт Брајан Ји

Македонија и Грција имаат вистинска можност да постигнат договор за т.н. прашање за името. Тоа можеби ќе е најдобрата шанса. Верувам дека постои политичка волја, како во Атина, така и во Скопје, да се постигне договор и да се реши ова прашање еднаш засекогаш.

Ова го изјави заменик-помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија Хојт Брајан Ји во емисијата „Светот е бизнис" на телевизијата Блумберг на бугарски јазик емитувана на 17 јануари.

“Ќе се бара напорна работа, бидејќи прашањето не е едноставно да се реши. Ќе беше добро проблемот да се решеше пред 25 години, но ако двете држави продолжат да работат како сега, под раководство на Метју Нимиц, специјалниот претставник на ОН, како посредник, ние веруваме дека тоа е дефинитивно возможно”, нагласува Ји.

Според него, САД силно го поддржуваат договорот меѓу Бугарија и Македонија и ова е многу добар почеток или дури увертира на бугарското претседателство на ЕУ.

“Веруваме дека ова се многу позитивни чекори, не само за двете земји кои имаат разлики во текот на годините, туку и за целиот регион. Тоа е пример за две држави, чии лидери се навистина ангажирани кон помирување и кон изнаоѓање решенија, кои може да вклучуваат компромис, кои може да вклучуваат и отстапки. Кога две држави имаат желба и политичка волја, тогаш речиси се е можно”, изјави заменик-помошникот државен секретар за Европа и Евроазија.

Го поздравуваме, дополнува Ји, раководството на премиерот Борисов и неговата Влада да работи со Македонија, земја која излезе од политичка криза, која се стреми да се приклучи кон ЕУ и НАТО.

XS
SM
MD
LG