Достапни линкови

Столтенберг вечер во Скопје, средбите утре


Архивска фотографија-генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг од вечер пристигнува во Скопје каде што ќе престојува во дводневна посета. Средбите со македонските политичари ги почнува утре. Прво ќе разговара со министерот за надворешни работи Никола Димитров, потоа во Вилата Водно ќе го прими претседателот Ѓорге Иванов, па ќе има средби и со министерката за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска и со претседателот на Собранието Талат Џафери. Според агендата, напладне Столтенберг ќе им се обрати на пратениците по што во парламентот ќе се сретне со претседателите на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и на ДУИ Али Ахмети. Посетата ја завршува со средба со премиерот Зоран Заев и со прес конференција во владата.

Од таму денеска брифираат дека во посетата на Столтенберг гледаат три важни пораки-дека останува политиката на отворени врати на НАТО, дека алијансата е заинтересирана за Балканот и дека Македонија е од стратегиски интерес и за Балканот и за НАТО.

Од владата ќе му ги посочат на гостинот и реформите што се прават согласно владиниот план 3-6-9, но ја нагласуваат и потребата од политичка стабилност дома. Важно е, велат од владата, сите да се вклучат во исполнувањето на стратегиските цели за зачленување на Македонија во ЕУ и НАТО, нагласувајќи ја важноста од вклучувањето и на опозицијата.

Од Министерството за одбрана, пак, велат дека Столтенберг ќе сакал да слушне што е сработено во нивниот сегмент истакнувајќи дека клучни работи што ги направиле се зголемување на буџетот за одбраната за 15 отсто, владината одлука за сукцесивно зголемување на буџетот на тој ресор за 0,2 отсто од 2019 година за да се постигне НАТО стандардот од 2 проценти, зголемувањето на бројот на војници во мисиите на алијансата и подготовката на потребните стратегиски документи.

Од Владата велат и дека Столтенберг доаѓа во посета на покана на премиерот Заев кој го викнал во Македонија на средбата во Брисел. Последен генерален секретар што беше во земјава е претходникот на Столтенберг, Андерс Фог Расмусен, кој во 2014 година дојде во Скопје.

XS
SM
MD
LG