Достапни линкови

Грчкото МНР со критики кон ставовите на грчката црква за прашањето за името


Архива: Знамиња на Грција, Македонија и Европска унија.

Официјална Атина ја критикуваше грчката црква за нејзините ставови изнесени деновиве во однос на прашањето за името. Грчкото МНР за весникот „Катимерини“ остро ја коментира одлуката на Грчката православна црква, која по одржана дводневна седница го повтори ставот дека не го прифаќа терминот Македонија да биде вклучен во името, наведувајќи „дали раководството на црквата одлучило да чекори заедно со неонацистичката конструкција Златна Зора?“

Грчкото МНР исто така ги поставува темите дали црквата решила отворено да се меша во политиката на земјата, истакнувајќи дека ги преминала границите на нејзините надлежности:

„Ако не, можеби да ни каже црквата кое име го сака, за владата за тоа име да преговара со Скопје.“

Исто така грчката дипломатија вели дека црквата не се ни потрудила да ја праша владата и да се информира за текот на преговорите, дека се меша во државни и дипломатски случаи за сериозни прашања од надворешната политика, а во исто време не сака државата да се меша во нејзините свети случаи и дека треба да биде сериозно внимателна и да се фокусира на националниот интерес, а не на личните интереси на архијереите.

Грчката црква смета дека името на државата ќе има влијание и врз името на како што велат, „расколничката самопрогласена македонска црква“, а светиот синод испратил допис до грчкиот премиер Ципрас за да ги изрази ставовите на црквата, пишуваат грчките медиуми, пренесува МИА.

XS
SM
MD
LG