Достапни линкови

Британски парламент - На Балканот зајакнуваат националистички политики


Горниот дом на британскиот Парламент оценува дека во земјите од Западен Балкан зајакнуваат авторитарни лидери и националистички политики, јавува МИА.

Во извештај на Домот на лордовите, објавен денеска, се изразува „длабока загриженост“ дека западнобалканските земји тонат кон авторитаризам и дека стабилноста на регионот е поткопана од странски земји, како Русија.

Во документот насловен „Обединетото Кралство и иднината на Западниот Балкан“ се изразува „сериозна загриженост“ дека постои опасност од губење на придобивките постигнати во доброто владеење и изградбата на правната држава, бидејќи земјите од регионот се соочуваат со „авторитарни раководства, националистички политики и заробени држави“.

Во документот се посочува дека за приближувањето на балканските земји кон ЕУ особено е значајно оставрувањето напредок во борбата против корупцијата, зајакнувањето на владеењето на правото и слободата на говорот и спроведувањето на останатите реформи.

„Иако надвор од ЕУ, Велика Британија ќе остане клучен пријател на земјите од регионот. (Британската) Влада треба јасно да каже кога земјите во регионот не ги исполнуваат бараните вредности и стандарди и да го искористи своето влијание за да бидат согледани недостатоците“, се нагласува во Извештајот.

Извештајот е објавен во пресрет на Самитот за Западен Балкан, чиј домаќин ќе биде Велика Британија во јули годинава.

XS
SM
MD
LG