Достапни линкови

Грчките синдикати против ограничување на правото на штрајк


Грчки демонстранти насилно влегоа во Министерството за труд во Атина во знак на протест поради мерките за ограничување на правото на штрајк. Овој услов го поставуваат меѓународните кредитори во замена за пакетот финансиска помош за Грција.

Користејќи метални шипки неколку стотици демонстранти од синдикатот ПАМЕ, поврзан со грчките комунисти, во вторникот влегоа во Министерството за труд во центарот на Атина.

Грчката влада треба да воведе закон кој ја ограничи зачестеноста на штрајковите во земјата, што ги разгневи синдикатите, оценувајќи дека штрајкот е неприкосновено право на работниците.

Илјадници демонстранти се собраа пред министерството истакнувајќи транспаренти „Министерство за ЕУ и ММФ!“ и „Рацете подалеку од штрајковите - тоа е работничко право“.

По влегувањето во зградата, десетици демонстранти се пробија низ скршеното стакло до осмиот кат каде што се соочија со министерката за труд, 32-годишната Ефие Ахтиоглу.

Еден од демонстрантите Јанис Тасулас побара повлекување на законот.

„Земете си го овој предлог-закон веднаш, денеска, затоа што треба да знаете, вие сте млад човек, дека крв е пролеана за правото на штрајк, нашите предци дадоа крв“, рече тој.

Таа, очигледно вознемирена, изјави дека нема да го стори тоа наведувајќи:

„Ние разговаравме за ова. Не, нема да го вратиме назад“, рече таа.

Станува збор за амандманот за зголемување на кворумот при гласањето на синдикатите за одржување штрајк.

Овој амандман е вклучен во омнибус-законот за реформи кои се поврзани со финансиската помош, што левичарската владата го поднесе до парламентот.

Димос Кумбурис вели:

„Денес оваа влада сака да им ги укине правата на работниците да дејствуваат на логичен начин, да се борат против капиталот, банкарите - правото на штрајк. Ние нема да дозволиме тоа“, рече тој.

Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд ја спасија Грција од банкрот поради огромниот долг, но во замена побраа строги мерки на штедење.

Дел од нив се и промени во Законот за работни односи.

Пратениците се очекува да гласаат за реформите пред состанокот на министрите за финансии на еврозоната на 22-ри јануари, кој ќе го процени напредокот на земјата во борбата за добивање помош од доверителите.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG