Достапни линкови

„ЕУ Обсервер“: Ново проширување на Западен Балкан во 2025


Брисел планира да вети дека „вратите“ на Европската унија за земјите од Западен Балкан ќе бидат отворени во 2025 година, но под услов државите од регионот да ги решат меѓусебните несогласувања, тврди порталот „ЕУОбсервер“, повикувајќи се на предлог-документ, што, како што се наведува, треба да биде усвоен на 14 февруари.

„Нашите партнери на Западен балкан имаат историска шанса. Првпат во историјата перспективата на нивното пристапување има временска рамка", пишува во стратешкиот предлог-документ, со појаснување дека рокот се однесува на „најдобрите сценарија“.

Во текстот се наведува дека со силна политичка волја, спроведување на реформите и трајни решенија со соседите, Црна Гора и Србија можат да бидат подготвени за членство до 2025 година. До тогаш Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово „би требало значително да напредуваат на европскиот пат“, како и дека „преговорите за членство би требало да бидат во понапредна фаза“.

Црна Гора и Србија веќе ги започнаа преговорите за членство, Македонија и Албанија тоа го очекуваат во текот на оваа година, додека Босна и Херцеговина чека одобрување за кандидатски статус, откако ќе ги достави одговорите на Прашалникот на Европската комисија. Во документот пишува дека спорот за името меѓу Македонија и Грција би можел да се реши до јуни.

Следниот Самит на ЕУ за Западен Балкан ќе се одржи на 18-ти мај во Софија, односно 15 години после самитот во Солун, кога членките на Унијата прв пат ветија дека регионот ќе го примат во своите редови.

XS
SM
MD
LG