Вести
ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува на денешната собраниска седница
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска нема да учествува во работата на Парламентот, откако ваква одлука партискиот врв донесе на денешниот координативен состанок. Од партијата засега не наведуваат детали за ваквата одлука, истакнувајќи дека образложение ќе биде дадено денеска на прес-конференција од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски.
види ги сите денешни вести
Собраниската комисија на став дека амбасадорите мора да бидат „сослушани“ пред пратениците
Кандидатите за амбасадори мора да бидат „сослушани“ во Собранието, е заклучокот кој го донела парламентарната Законодавно-правна комисија на седница одржана денеска, 2 декември.
Ова собраниско тело, ваквиот став го донесе откако пратеникот од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, поднесе барање за автентично толкување на Законот за надворешни работи.
„Одредбата од ставот 3 на членот 39 треба да се толкува така што презентирањето на своите согледувања на кандидатот за амбасадор, за односите со државата на приемот или меѓународната организација, пред надлежното работно тело на Собранието, за надворешна политика е законска обврска, без којашто не може да биде потпишан указ за поставување на амбасадор од страна на претседателот“, гласи автентичното толкување усвоено од Законодавно-правната комисија.
Во овој контекст, на денешната седница на Комисијата помина автентично толкување на уште еден дел од законот (став 3, член 45) кој се однесува на постапката за отповикување амбасадорите. Според усвоеното автентично толкување, таква иницијатива може да покрене и Владата, на барање на министерот за надворешни работи.
Овие автентични толкувања сега ќе треба да бидат усвоени на пленарна седница, што потоа би го отворило патот да бидат вратени амбасадорите што минатата власт предводена од СДСМ и ДУИ ги испрати на мисија прескокнувајќи го нивното „сослушување“ во Собранието.
Како што претходно за Радио Слободна Европа изјави пратеникот Стојаноски, доколку собранискиот пленум усвои вакво автентично толкување тие потоа како пратеници би побарале Министерство за надворешни работи (МНР) да ги отповика тие амбасадори.
РСЕ претходно побара одговори од Министерството и колку од актуелните амбасадори се испратени во мисија без да ги бранат тезите пред пратениците, но информација оттаму не добивме.
Неофицијално, станува збор за безмалку десетина амбасадори.
Бранењето на тезите од страна на амбасадорите пред пратениците претходната власт го прескокнуваше во неколку наврати во ситуации кога се соочуваше со блокада поради незакажување на седници на собраниската Комисија за надворешни работи од страна ВМРО-ДПМНЕ која како опозиција раководеше со ова тело. Претставниците на СДСМ и ДУИ беа на став дека „сослушувањето“ во парламентот не е задолжителен дел од процедурата.
Меѓу ваквите примери, беше случајот со амбасадорката на Северна Македонија во Бугарија, Агнеза Руси Поповска. За неа, како што сведочат и медиумските архиви, пет-шест месеци се чекаше да се закаже седница на Комисијата за надворешна политика од страна на тогашниот претседател на ова тело Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Во истиот период во септември 2022, без бранење на тезите во парламентот, за амбасадор во Белгија замина и дипломатот од кариера Методија Белевски.
Од кабинетот на тогашниот претседател Стево Пендаровски, кој ги потпиша указите, тврдеа дека нема прескокнување на законската процедура односно дека законската обврска на амбасадорите била завршена со претставувањето на тезите пред Колегиумот на Министерството за надворешни работи.
И поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи во изјавите пред новинарите тврдеше дека тоа не е законска обврска туку повеќе да се покаже добра волја за инклузивност и вклучување на парламентот.
Претседателката на Грузија: Ова е бунт на целата земја
Грузиската претседателка Саломе Зурабишвили изјави дека целата земја е во „бунт“ откако полицијата четврта ноќ по ред ги тепаше и насилно ги растера демонстрантите во главниот град Тбилиси кои протестираа против плановите на владата да ги прекине преговорите за пристап во ЕУ до 2028 година.
Полицијата употреби водени топови и солзавец за да ги смири протестите во близина на зградата на парламентот, при што во раните утрински часови во понеделникот апсеше и демонстранти.
Досега, според извештаите, се уапсени најмалку 200 лица.
„Ова е бунт на целата земја“, рече Зурабишвили во интервју за француското радио Франс Интер.
„Изборите беа злоупотребени и украдени. Никој не ги признава. Се соочуваме со режим кој е надвор од уставниот закон. Мојот мандат трае до денот кога легално ќе биде избран претседателот“, посочи таа.
Премиерот Иракли Кобахиџе рече дека Зурабишвили мора да ја напушти претседателската функција на крајот на нејзиниот мандат.
Зурабишвили, од друга страна, во неделата изјави дека „нелегитимниот“ парламент нема право да избира нејзин наследник откако ќе заврши нејзиниот мандат во декември и вети дека ќе остане на функцијата.
Грузија влезе во политичка криза по парламентарните избори во октомври, на кои Грузискиот сон освои 54 отсто од гласовите, додека опозицијата и западните влади тврдат дека изборите биле нарушени со нерегуларности и руско влијание.
Минатата недела новоизбраниот парламент распиша индиректни избори за избор на нов претседател на 14 декември.
Мнозинството Грузијци го поддржуваат членството во Европската унија, а напорите за влез во Унијата се составен дел и од Уставот на оваа земја.
Меѓутоа, оваа година владејачката партија Грузиски сон усвои закон што Зурабишвили и критичарите го нарекуваат „руски закон“, а со кој се сузбиваат невладините организации и медиумите финансирани од странство. Беше донесен и контроверзниот закон за правата на ЛГБТ+ лицата.
Соединетите Американски Држави во јули објавија дека ќе ја прекинат помошта од над 95 милиони долари за грузиската влада, предупредувајќи дека земјата е во демократски пад.
На 28 ноември, Европскиот парламент усвои резолуција со која повика на нови парламентарни избори во Грузија и санкции против високи членови на партијата Грузиски сон.
Во резолуцијата, Европскиот парламент наведе дека изборните резултати „не послужиле како веродостоен приказ на волјата на грузискиот народ“.
Европарламентот, исто така, ја повика Европската унија, која минатиот месец ја замрзна апликацијата на Грузија за членство во ЕУ, да воведе санкции за клучните функционери во владејачката партија, вклучувајќи ги премиерот Кобахиџе, претседателот на Грузискиот сон Иракли Гарибашвили, милијардерот и основач на партијата Бидзин Иванишвили и градоначалникот на Тбилиси Каха Каладзе.
Уставниот суд на Романија го потврди резултатот од првиот круг од претседателските избори
Уставниот суд на Романија во понеделникот ги потврди резултатите од првиот круг од претседателските избори со што го отвори патот за гласање во вториот круг на 8 декември.
Победата на не толку познатиот кандидат на екстремната десница Калин Георгеску на 24 ноември поттикна сомнеж за надворешно мешање во изборниот процес во земја која досега беше верен сојузник на Украина, пишува Ројтерс.
Одлуката на Уставниот суд ја отстранува неизвесноста што ја зафати Романија откако судот минатата недела нареди пребројување на гласовите.
Георгеску во вториот круг ќе се соочи со кандидатката на десниот центар Елена Ласкони.
Вчера (1 декември) во Романија се одржаа и парламентарни избори, на кои најмногу гласови освои владејачката левичарска Социјалдемократска партија, но екстремно десничарските партии освоија третина од мандатите во новиот парламент.
Кој ќе ја формира владата на крајот ќе зависи од тоа кој ќе биде победник на претседателските избори, бидејќи претседателот го назначува премиерот од парламентарното мнозинство.
Владата на Франција пред пад?
На владата на Франција и се заканува пад бидејќи и екстремно десничарските и левичарските партии денеска (2 декември) најавија дека ќе гласаат за недоверба на премиерот Мишел Барние.
Нивниот потег следи откако Барние најави дека ќе се обиде да го протурка буџетот за социјално осигурување низ Долниот дом на парламентот без гласање, бидејќи неговата последна отстапка не беше доволна за да обезбеди поддршка од екстремно десничарската партија Национален собир, пренесува Ројтерс.
Лидерката на Националниот собир, Марин Ле Пен, изјави дека нејзината партија ќе поднесе сопствена иницијатива за гласање недоверба на владата, но и ќе го поддржи секој сличен предлог од други партии.
„На Французите им е доста. Можеби мислеа дека работите ќе бидат подобри со Мишел Барние, но тие се полоши“, рече Ле Пен.
Матилда Пано од левичарската партија Непокорена Франција рече: „По којзнае кој пат, соочени со ова негирање на демократијата, ние ќе гласаме против владата“.
„Живееме во политички хаос поради владата на Мишел Барние и претседателството на Емануел Макрон“, додаде Пано.
Ако сите пратеници на Националниот собир и левицата гласаат за недоверба на Барние, владата нема да опстане. Гласањето би можело да се одржи веќе во среда, на 3 декември, пренесува Ројтерс.
Ниту една француска влада не е соборена на ваков начин од 1962 година.
Битките на Мишел Барние да го протурка буџетот за 2025 година низ длабоко поделениот парламент може да ја втурне Франција во втората политичка криза во последните шест месеци, што ја нагласува нестабилноста што завладеа во земјите-членки на Европската унија.
„Ова е моментот на вистината“, им рече Барние на пратениците, ставајќи ја судбината на неговата влада во нивни раце.
„Французите нема да ни простат што ги ставаме интересите на поединци пред иднината на земјата“, додаде тој.
Од своето формирање во септември, малцинската влада на Мишел Барние зависи од поддршката на Националниот собир.
Предлог-буџетот, со кој владата се обидува да го спречи растечкиот јавен дефицит преку зголемување на даноците и намалување на трошоците во вредност од 60 милијарди евра, би можел да стави крај на таа соработка.
На само неколку недели пред враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, падот на француската влада може да создаде дупка во срцето на Европа, земајќи ја предвид и Германија која е веќе преокупирана со нови избори.
Шефицата на косовската дипломатија: Србија стои зад нападот на каналот Ибар-Лепенец
Косовската министерка за надворешни работи, Доника Гервала, ги повтори обвинувањата дека Србија стои зад експлозијата што се случи на 29 ноември, кога беше оштетена критичната инфраструктура на Косово - каналот Ибар-Лепенец.
„Србија ги копира руските стратегии и ги користи ставајќи ги во регионален контекст. Ова не е етничка тензија и не е спор меѓу Косово и Србија. Она што се случува пред нашите очи, и тоа со години, се зголемена ескалација и тензија и тоа е тест за она што Западот е подготвен да го прифати“, изјави таа.
Гервала зборуваше пред европратениците во Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент, каде што се одржа вонредна расправа за ситуацијата во Косово по настаните од изминатиот викенд.
Претседателот на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер изрази солидарност со граѓаните на Косово.
„Ние сме многу загрижени и тажни поради овој опасен дестабилизирачки напад на Косово. Ние сме солидарни со сите погодени од нападот. Ги осудуваме овие криминални дела кои мора да бидат истражени, а сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата“, рече Мекалистер.
Повеќето пратеници кои зборуваа за време на расправата истакнаа дека мора да има последици доколку навистина се потврди дека Белград стои зад нападот, како што тврдат претставници на Приштина.
Тие посочија дека е неопходна адекватна истрага за да се утврди кој точно стои зад настанот.
Во експлозијата на каналот во селото Вараге кај општина Зубин Поток немаше жртви, но таа создаде голема пукнатина на страничниот ѕид поради што водата се излеа од каналот, Тоа придонесе некои делови од земјата да се соочуваат со недостиг на вода.
Од хидросистемот Ибар-Лепенац, со вода се снабдува целиот север на Косово, регионите на Митровица, како и Приштина и нејзината околина, вклучително и Косовската енергетска корпорација за ладење на нејзините термоелектрани.
Европската унија оцени дека станува збор за „терористички напад“ и „акт на саботажа“.
ДКСК препушти Сиљановска Давкова да одлучува за претставка за директорката на Агенцијата за разузнавање
До Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) била поднесена претставката против актуелната директорка на Агенцијата за разузнавање (АР), Габриела Јаковлева, бидејќи, како што се тврди во неа, не биле доставувани извештаи за работата до повеќе тела во државата. Меѓутоа, со образложение дека оваа Агенција е под надлежност на шефот на државата, Антикорупциска ќе ја препрати претставката кај претседателката Гордана Сиљановска Давкова, одлуки комисијата на седница на 2 декември.
Агенцијата за разузнавање, согласно закон, за работите од своја надлежност треба да известува повеќе државни органи – претседателот на Собранието, Владата, премиерот, како и Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница и други органи во зависност од предметот за кој работи.
Во претставката што е поднесена против директорката е наведено дека таа досега не доставила информации за работењето до Собранието.
„ДКСК не може да навлезе во надлежноста дали комуникацијата и размената на податоците помеѓу наведената Агенција и другите органи тече согласно потребите од причина што надлежен орган за законско постапување на законот за Агенција на разузнавање е претседателот на државата. ДКСК нема надлежност да навлегува дали комуникацијата согласно закон помеѓу наведените институции тече согласно потребите и динамиката која ја определува самата Агенција. За размена на нивните информации дали се во време и на место согласно закон, проценува претседателот на државата“, рече членот на ДКСК, Цвета Ристовска.
Претседателката Сиљановска Давкова ја назначи Јаковлева за директорка на АР на 28 јуни.
Антикорупционерите на денешната седница споменаа уште еден предмет кога е во прашање Агенцијата за разузнавање. Станува збор за претставка против вработен кој наводно за време на парламентарните избори имал објавено фотографии од партиски штаб на Фејсбук. ДКСК посочи дека овој предмет го препуштила на внатрешната контрола на АР за да се види дали наводите се точни или не.
Антикорупциската комисија претходно добија и други пријави за безбедносниот сектор, по што беше оформен предмет за директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, поради сомнежи за сертификатот по англиски јазик добиен од Бугарија.
Но, за овој случај од ДКСК сè уште прибираат информации.
„Во однос на случајот за којшто прашувате, доставени се неколку пријави до ДКСК. Од страна на ДКСК поднесени се барања за прибирање на потребна документација за утврдување на фактичката состојба, за што сè уште течат законските рокови за доставување на истата. По утврдување на фактичката состојба ќе биде донесена одлука на јавна седница на ДКСК“, одговорија од Антикорупциска на новинарско прашање по денешната седница.
Предметот за Христовски беше отворен на 22 октомври по анонимна пријава дека тој не ги исполнува условите за директор.
Тој беше именуван на функцијата на 16 октомври откако Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ го разреши поранешниот директор Зарко Милошевски.
Баербок ја предупреди Кина дека поддршката за Русија ќе влијае на односот со Германија
Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок на 2 декември го предупредила нејзиниот кинески колега дека поддршката на Пекинг за Русија ќе влијае на односите и врските помеѓу Германија и Кина, соопштија од нејзиниот кабинет.
Шефицата на германската дипломатијата се сретна со нејзиниот колега Ванг Ји во Пекинг во период кога Берлин се обидува да изгради подобри врски со Кина додека се занимава со клучните разлики меѓу двете држави.
Според соопштението од германското Министерство за надворешни работи, Баербок му рекла на Ванг дека „зголемената кинеска поддршка за руската војна против Украина има влијание врз нашите односи“.
„Засегнати се суштинските германски и европски безбедносни интереси“, рекла германската министерка.
Кина се претставува како неутрална страна во војната во Украина и вели дека не испраќа воена помош на ниту една од страните, за разлика од САД и другите западни земји. Но, таа и понатаму е близок политички и економски сојузник на Русија, а членките на НАТО го означија Пекинг како „одлучувачки овозможувач“ на војната којашто Кина никогаш не ја осуди.
Влада: Оставката на Дамева е единствената исправна одлука
Оставката на претседателката на Судскиот совет е единствената можна и исправна одлука по огромните забелешки за нејзината работа, сметаат од Владата откако Весна Дамева денеска (2 декември) на прес-конференција соопшти дека си поднесува неотповиклива оставка од функцијата.
„Разбираме дека од ваквата одлука ќе има многу засегнати и загрижени поради нивното сомнително работење, огромните сомнежи за криминал, како и фалсификување на записници, но правдата мора да профункционира“, велат од Владата.
Претставници на актуелната власт, вклучително и премиерот Христијан Мицкоски, изминатиот период во повеќе наврати ја критикуваа работата на Судскиот и Советот на јавни обвинители.
Власта планираше и целосно распуштање на овие две тела, на што се спротивстави и дел од стручната јавност и меѓународната заедница.
На 29 ноември Мицкоски, најави „робустна акција против судии и обвинители кои што ја спречуваат правдата“. Тој посочи дека власта има план и дека од понеделник почнува спроведувањето на планот.
Соопштувајќи за оставката, Дамева пак, рече дека одлуката ја донела како последица на обидите да се наруши нејзиниот интегритет од неколку политичари од власта, меѓу кои и премиерот.
Таа обвини дека власта нема слух за подобрување на состојбите во судството, туку напротив го опструира, и дека политичарите од владејачката гарнитура постојано го критикувале Судскиот совет.
„Она што ми беше најтешко и кое беше клучно за мојата одлука се нарачани текстови кои се споделуваа по одредени портали, и тука беше јасна намерата, се бараше начин да бидам оцрнета, да бидам прикажана како влијаам врз судски постапки во кои е оштетена компанија со која управува на мојот сопруг, и тоа го игнорирав. Никогаш и на ниту на еден начин не сум влијаела, ниту сум се довела во таква ситуација“, вели Дамева.
Таа додаде дека Мицкоски од собраниската говорница изнел наводи дека во Судскиот совет има неколку кланови, дека се правеле фалсификувани записници и дека дел од членовите на Советот не ја извршувале функцијата професионално, па на нивно место требало да дојдат нивни луѓе. Тоа според неа, е поразително.
По повлекувањето од претседателската функција, Дамева ќе продолжи да работи во Судскиот совет како член.
Неколку часа по одлуката на Дамева, попладнето на 2 декември, Судскиот совет одржа итна седница на која ја констатираше оставката.
Дел од дневниот ред беше и избор на нов претседател, но по предлог на членот Исамедин Лимани, оваа точка беше отстранета.
„Двајца членови со право на глас се отсутни, а исто така сме во фаза на избор на двајца нови членови на Советот кои ќе се избираат на 11 декември. Еден член од општата листа од Апелационо подрачје Штип и еден член од посебната листа, така што изборот на претседател мислам дека треба да биде кога Советот ќе биде комплетиран“, посочи Лимани.
Неговиот предлог беше едногласно поддржан од останатите членови.
Обвинителот чие возило беше опожарено очекува брзо откривање на сторители
Џелал Бајрами е обвинителот чие возило е едно од запалените во текот на претходната ноќ во Куманово. За палењето на автомобилот тој самиот се огласи јавно со очекувањето дека сторителите ќе бидат бргу пронајдени.
Очекувам и се надевам дека брзо ќе се најдат сторителот или сторителите на оваа дело. Приватно е возилото, паркирано пред дворот од куќата пред влезната врата. Нема друга штета, возилото е целосно опожарено“, изјави Бајрами за државната агенција МИА.
Обвинителот посочува дека запаленото возило први го забележале соседи кои и пријавиле по што пристигнале екипи од противпожарната единица и од полицијата. Пожарот бил изгаснат бргу, но од возилото не останало ништо.
На местото на настанот излегол и дежурен обвинител и биле земени доказни материјали за расчистување на случајот.
Претходно, од јавното обвинителство соопштија дека извршиле увид на локациите во Куманово во кои биле опожарени вкупно два автомобили и една деловна просторија.
„Преземени се сите дејствија и се испитуваат причините и евентуалните мотиви за опожарувањето. Прибрани се траги од самото место кои ќе бидат предмет на вештачење, а се врши увид и во снимки од камери за видеонадзор“, информираа од ОЈО.
Во посета на Куманово денеска беше заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени кој оцени дека станува збор за изолирани случаи.
„Констатиравме дека безбедносната состојба е стабилна а овие изолирани случаи дел се целосно расчистени, дел се работи на нивно расчистување и изведување на сите прекршители пред лицето на правдата. Одржувањето на безбедноста, мирот и спокојот на граѓаните се апсолутен приоритет на полицијата и секој што ќе се обиде на било каков начин тоа да го наруши ќе биде спречен и санкциониран од страна на полицијата и изведен пред лицето на правдата“, напиша Исени на Фејсубк.
Како што јавија повеќе медиуми синоќа (1 декември) во Куманово се случиле неколку пожари. За еден од нив, прв на Фејсбук информираше членот на Советот на Општина Куманово, Фитор Јакупи кој напиша дека му изгорела неговата приватен деловен простор. Од неговата партија ДУИ реагираа дека пожарите се подметнати.
Освен во Челопек, Јаневска најави инспекција и во други училишта за слични настани
Министерката за образование и наука Весна Јаневска најави дека инспекција ќе има и во други училишта во Северна Македонија за каде Министерството добило пријави и има докази за настани слични како на тој од ОУ „7 Март“ во тетовско Челопек.
На 28 ноември кога албанската заедница го одбележува Денот на знамето, на приредба во училиштето во Челопек ученици беа облечени во воена униформа со амблеми на Ослободителната народна армија (ОНА) односно УЧК и со пушки во рацете.
„Просветниот инспекторат е тргнат во училиштето во Челопек. Дополнително, имавме пријави за училиште во Чаир, две училишта во Тетово и училиште во Струга. Во сите тие училишта за кои имаме докази со слики и со пријави дека се случувал таков немил настан, Просветниот инспекторат е на терен и очекуваме кога ќе се вратат инспекторите да ги дадат првичните информации. За да се изготват записници ќе треба малку подолго време“, изјави Јаневска за време на посетата на Штип на 2 декември.
Министерката порача дека политиката треба најмалку да ја има во училиштата „во оваа заедничка држава која им припаѓа на сите нејзини граѓани“ и тврди дека постапувањето на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) е законско.
Опозициската партија ДУИ, пак, претходно обвини дека ваквиот начин на постапување од власта во однос на училиштата е „антиалбанска политика“ и обвинува за „двојни стандарди“ посочувајќи го примерот од пред две години кога деца на приредба во Аеродром биле облечени како Комити и „изведувале воени поздрави“.
„Ја разбирам политиката на ДУИ и дека грчевито се обидуваат да ја поткренат својата позиција во општеството, но начинот е крајно погрешен. Како политичка партија имаат право на преземање некакви акции, но никако преку децата и училиштата и никако со понижување на државните симболи и со воведување милитаризам во училиштата“, одговори денеска министерката.
Во однос на Комитите таа излезе и со коментар дека меѓу нив имало од различни етникуми и тие се „дел од историјата на државата Македонија“ и треба да се изучуваат како тема во наставата додека УЧК и нејзините симболи „за оваа држава не значат ништо“.
За конкретниот случај во Аеродром таа потсети дека воспитувачката од градинката што ја организираше приредбата беше отпуштена од работа и во моментот е во судска постапка.
Инаку, извештајот од просветниот инспекторат во Челопек треба да биде завршен утре. Директорот на инспекторатот, Шабан Алајбегу по надзорот денеска изјави дека записникот сè уште не е составен, но верува дека најдоцна до утре ќе биде готов.
Прославите низ неколку градови низ Северна Македонија по повод Денот на албанското знаме – 28 ноември, кога и се случи настанот во Челопек, предизвикаа неколку инциденти. Во Скопје имаше сквернавење на македонското државно знаме кое беше откачено и искинато, а МВР истата вечер приведе осум лица. Четворица од нив, меѓу кои и еден малолетник, поради сквернавењето на знамето, додека останатите за учество во тепачка.
Потоа, уапсени беа и три лица во Прилеп, кои како одговор на инцидентите во Скопје, го сквернавеа албанското национално знаме.
Вандализам, како што изјави градоначалникот Максим Димитриевски, бил забележан и во Куманово. Таму, следното утро, на 29 ноември, беше откорната таблата пред влезот на Конзулатот на Република Србија за што МВР приведе еден малолетник.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете