Достапни линкови

Неколкумина убиени во протестите во Иран


Продолжуваат антивладините протести во повеќе градови во Иран кои почнаа пред пет денови. Според новинските агенции, имало напади и врз полициски станици при што загинале неколкумина луѓе. Станува збор за најголемите политички демонстрации во Исламската република од 2009 по контроверзните претседателски избори на кои победи Махмуд Ахмадинеџад.

Иранската државна телевизија јави дека вооружени демонстранти во неделата нападнале полициски станици и воени бази, но оти биле одбиени од безбедносните сили.

Мешала Немати, гувернер на Доруд, вчера изјави дека демонстранти пукале во безбедносните сили.

„Некои од овие луѓе, во обична облека, со возила, пукаа во безбедносните сили, посебно во безбедносниот штаб“.

Демонстрациите избувнаа на 28 декември во вториот по големина град во Иран, Машхад поради економските тешкотии и наводната корупција и ескалираа со повици против верскиот етаблишмент кој е на власт по исламската револуција во 1979 година.

Претседателот Хасан Рохани во првото појавување во јавноста од избувнувањето на нередите изјави дека тие биле можност за решавање на проблемите во Иран.

„Според мое мислење, она што се случи во изминативе неколку дена, на површината изгледаше како закана, но треба тоа да го претвориме во можност. Треба да видиме што е проблемот“, рече тој.

Рохани додава дека не станувало збор само за економски проблем, туку дека луѓе имале и други барања.

Тој притоа го спомна, како што рече, големиот политички триумф, односно тоа што Соединетите држави не успеале и биле осудени од светот за тоа што се обиделе да го укинат нуклеарниот договор и да воведат санкции против Техеран.

Иран е еден од најголемите производители на нафта и претставува регионална сила, но фрустрациите пораснаа дома, каде што невработеноста кај младите минатата година достигна скоро 29 проценти.

Во исто време земјата е длабоко вклучена во Сирија и Ирак како дел од битката за влијание со ривалската Саудиска Арабија.

Ваквите интервенции во странство со огорчување се примени од повеќето Иранци кои сакаат нивните лидери да создадат нови работни места, наместо да се ангажираат во скапи војни.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG