Достапни линкови

Грчки медиуми: Засилени меѓународни притисоци за решавање на името


Илустрација: Киоск со весници во Атина

Изминатите неколку дена Македонија е една од главните теми во грчките медиуми.

Како што јавува дописникот на МИА од Атина, неделното издание на весникот „Елефтерос типос“ ги анализира македонско - грчките односи во текстот под наслов „Се згуснуваат меѓународните притисоци за решавање на скопското прашање“. Следниот период, а особено пред НАТО Самитот во јули следната година, не е исклучена можноста да се зголемат меѓународните притисоци за решавање на долгогодишниот спор, пишува весникот, дополнувајќи дека САД веќе имаат многу посериозни проблеми како што се Блискиот исток и Турција.

" И изјавите на американскиот амбасадор во Атина Џефри Пајат за поддршка на Грција и оптимизам за решавање на прашањето, го откриваат расположението на Вашингтон.Но, и покрај тоа, се чини дека не постојат притисоци кон Атина, но не е исклучена можноста дел од силните европски држави членки на НАТО, а веројатно и Германија, да побараат во првата половина на 2018, да се обезбеди „ветување“, според кое Скопје прво ќе добие потврда дека ќе влезе во организацијата, а потоа, сѐ до нивната конечна интеграција, ќе се водат преговори за решавање на спорот со името, наведува грчкиот весник и тврди дека за ваквото сценарио е согласен голем дел од власта, но Атина е категорично против.

„Елефтерос типос“ пишува дека во прашањето за името не се очекуваат суштински случувања до пред крајот на јануари, за кога е закажана втората средба на медијаторот со преговарачите од двете земји.

"Сите очекуваат да видат дали ќе се договори нешто со Скопје и кој ќе биде предлогот за конкретно име. На крајот на јануари се очекува да се одржи втората средба на Метју Нимиц, специјалниот претставник на Генералниот секретар на ОН за името со претставниците на Грција и пјРМ. Не е исклучена можноста, господинот Нимиц, да состави и конкретен предлог за името, пишува грчкиот весник, а ја спомнува и веројатноста во Македонија, решението да оди на референдум, нешто што, како што тврди новинарката, земјите како САД, Велика Британија, а особено Германија не посакуваат да се случи поради „видливата опасност граѓаните да гласаат против“.

На официјалниот сајт на Министерството за надворешни работи на Грција, како што јавува дописникот на МИА од Атина, во делот посветен на прашањето за името и хронологијата на проблемот, како јасна грчка позиција се наведува: сложено име со географска одредница пред зборот „Македонија“, ерга омнес, односно за севкупна употреба и внатрешна и меѓународна.

XS
SM
MD
LG