Достапни линкови

Партиски амбасадори, неефикасна дипломатија


Министерство за надворешни работи во Скопје
Министерство за надворешни работи во Скопје

Жално е што партиите избираат амбасадори, а погрешната кадровска политика ја направи македонската дипломатија импотентна и со незавидни резултати, велат поранешни дипломати.

Дипломатскиот кадар на земјава не треба да биде партиски, туку професионален и стручен, оценуваат искусни поранешни амбасадори. Според нив, жално е што амбасадорите ги одбираат партиите, а погрешната кадровска политика ја направи македонската дипломатија импотентна и со незавидни резултати.

„Како ќе постапува новата влада, тешко е да се каже, меѓутоа секоја досегашна влада без исклучок ја водеше истата политика, така што тешко дека ќе се направи некаков исчекор во смисла на одбирање и селекција на најдобрите. Да се надеваме дека така ќе биде, меѓутоа изгледите и можностите не се големи“, вели поранешниот дипломат Ристо Никовски.

На прашањето дали новата влада треба да иницира итна постапка за разрешување на нестручните дипломатски кадри кои не покажале резултати, Никовски со став:

„Мислам дека тоа треба постојано да се прави, не само при промена на власта, но да се избегне можноста од партиски реваншизам, бидејќи тоа кај нас е честа појава и не ни служи на чест“, вели Никовски.

И според поранешниот амбасадор Благој Зашов, потребна е професионална дипломатија и итно разрешување на дипломатите кои се истакнати партиски членови.

„Јас очекувам да се обнови дипломатијата, да се изработи нова надворешна политика, а за нејзино спроведување неопходни се професионалци. Но, не само тие кои се пратени во странство треба да се вратат, туку и оние кои во Министерството се поставени на позиции како благодарност кон нив затоа што вршеле партиски функции да се заменат со професионалци кои таму ги има, а не беа искористени, туку беа ставени на страна“, вели Зашов.

Инаку разрешувањето на амбасадорите и изборот и поставувањето на нови се врши на предлог на Владата, а со конечен потпис од претседателот на државата. Формалното отповикување на амбасадорот го прави шефот на државата, но како исклучок Зашов го наведува своето лично искуство кога цела една година пред да биде потпишан указот за негово отповикување, тој бил вратен во земјава, само со известување од Владата, а на негово место бил поставен вршител на работите за определено време. Иако е јасна законската процедура во овој дел од надворешната политика, Зашов вели дека ќе биде потребна кохабитација меѓу владата и претседателот Иванов.

Во меѓувреме и шефот на македонската дипломатија Никола Димитров изјави дека мора да запре праксата за амбасадори да се испраќаат политичари.

„Мислам дека во Македонија ќе мора да престанеме да испраќаме амбасадор политичар или да се почнува со постапка за испраќање човек за амбасадор кој што е политичар пред одржување на изборите, бидејќи логиката на испраќање на некој кој ви е политички близок, особено во голем центар, е да работи со вас додека сте власт. Ние имаме неколкупати направано вакви грешки и мислам дека треба да се договориме како општество и политички систем ова да не го правиме“, изјави Димитров.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG