Достапни линкови

Се зголемуваат потписниците на ВМРО ДПМНЕ за одложување на конгресот


Архивска фотографија ВМРО-ДПМНЕ го одржува 15. Конгрес на партијата во Куманово.

Пред одржувањето на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ вечерва се проширува со нови имиња писмото што беше потпишано од 30-тина членови од партијата со кое се бара конгресот што треба да се одржи викендов, да се одложи за февруари

Меѓу членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои се поддржувачи на предлогот за поширок демократски Конгрес за избор на легитимен претседател се најде името на Светлана Јакимовска, поранешен потпретседател на Собранието на Република Македониј, и неколку поранешни пратеници во Собранието меѓу кои Надица Танчева Тулиева, Милорад Додевски, Јасминка Дамчевска, Ружа Ѓорѓеска, Бети Кузмановска, Сузана Секуловска и Илија Србиновски. Во списокот на потписници на јавното писмо на ВМРО ДПМНЕ за одложување на конгресот се имињата на неколку поранешни градоначалници меѓу кои Славчо Чадиев, на Велес, Зоран Тасев, на Свети Николе и Дарко Шехтански на Делчево.

Одложување на Конгресот што треба да се одржи викендов бараат и неколку делегати на конгресот и претседатели на Општински комитети.

Повеќе членови на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои основачи на партијата, пратеници и други функционери вчера во јавното писмо посочија дека се фаворизира еден кандидат за претседател на партијата и побараа на претстојните состаноци на највисоките тела на партијата да бидат прифатени предлозите за зголемување на бројот на делегатите кои ќе го бираат првиот човек на партијата и Конгресот да се одложи за февруари следната година.

Дел од медиумите денеска објавија и дека поранешниот министер за надворешни работи Никола Попоски нема да се кандидира за претседател на партијата и оти се повлекува од сите партиски функции.

Од ВМРО-ДПМНЕ не ја потврдуваат информацијата, притоа посочувајќи дека лидерот и сите членови на партиските тела се во оставка.

Досегашниот лидер Никола Груевски минатата недела на Фејсбук негираше дека како долгогодишен претседател на партијата ќе поддржи или фаворизира некој од кандидатите за претседатели на партијата

XS
SM
MD
LG