Достапни линкови

КРИК 2017 - „Постојано во транзиција – заробеност во скршените огледала“.


Постер КРИК - ФЕСТИВАЛ НА КРИТИЧКА КУЛТУРА
Постер КРИК - ФЕСТИВАЛ НА КРИТИЧКА КУЛТУРА

Во Музејот на современа уметност, овој четврток на 14 декември, во 19 часот, во организација на КОНТРАПУНКТ од Скопје, официјално ќе започне второто издание на КРИК – Меѓународниот фестивал за критичка култура, чија цел е да ги промовира уметничките и културните практики како општествено релевантни алатки кои ќе придонесат за еманципација и демократизација.

По првичното изданието посветено на човековите права и одржано во средината на ноември минатата година во Кинотека на Македонија, на Скопје и воопшто на македонската културна сцена, од 13 до 17 декември, во Музеј на современа уметност, ќе им се обистини вториот КРИК – Меѓународниот фестивал за критичка култура, што како носител на идејата и организатор го потпишува КОНТРАПУНКТ – асоцијацијата за развој на критичка теорија, социокултурен активизам и современи уметнички и културни практики .

Всушност станува збор за случување кое пред себе си има поставено за цел да ги промовира уметничките и културните практики како општествено релевантни алатки кои ќе придонесат за еманципација и демократизација на социо-културниот контекст.

Од таму, како што велат организаторите, КРИК секогаш ќе се застапува да застане во одбрана на правото на критичка култура која што отсуствува во нашиот контекст и тоа е онаа култура која постојано ќе ги поместува границите на еманципаторските политики во социо-културниот простор. КРИК е наедно и платформа низ која се истражуваат и изучуваат можностите за проникнување меѓу естетското и политичкото, меѓу уметничките практики и нивното влијание врз пошироката демократизација на општеството, меѓу граѓанските заедници и медиумските облици на борба.

А, актуелното издание на КРИК – Меѓународниот фестивал за критичка култура, на кое пак централната тема е насловена „Постојано во транзиција – заробеност во скршените огледала“ и која се реализира со партнерска соработка со Курзив и Kulturtreger од Хрватска, SCCA – Љубљана од Словенија и SEECult.org., како што знае да каже Искра Гешоска, продолжува да ги истражува односите и проникнувањата на културата – уметноста – политичкото – политиката, преку критичка рефлексија којашто изостанува во нашето општество а тие веруваат дека без критичка рефлексија во визуелните, во изведувачките уметности, во книжевната критика не можат да постојат културни политики. Згора таа појаснува дека „преку експеримент и лабораторија ќе се преиспитуваат парадигмите на моќта, еманципаторските крстопати на политичкото и на естетското во патеката што комуницира со сите репресивни облици врз граѓанството поврзани со образовните, социјалните, културните, политичките, медиумските права и слободи“.

„Годинава низ оваа тема ќе се проблематизираат разните наличја на побуната во уметноста, која често наликува на стратегиите кои, за жал, ги нудат цитатот, колажот, монтажата. Затоа, неретко, сведочиме на нејзината миговност, привременост, би рекла и неконзистентност, „проектност“. И токму затоа, таа ја губи својата вредност на концентрација која може да предизвика промена и добива „билборд“ популистичка семантика, наметната од доминантните наративи на моќта“, вели Гешоска.

Дополнува дека едно од прашањата низ кои сме заталкани во уметничкиот и во политичкиот контекст е отсуството на онтолошката рамка во која јасно ќе се покаже дека се поставува наспроти секој облик на власт кој не дозволува артикулација на слободата, и го отвора прашањето за „изневерените револуции“.

„Влеговме во несогледлив транзициски синдром во кој нема место за концентрација на „гневот“ и отпорот на начин на кој тој би имал перспектива за темелни промени поврзани со слободата, правдата, солидарноста и благосостојбата“, вели таа.

Ова сè, претпоставува и богата програма во која посебно возбудливо е присуството на светски реномираниот колектив затеорија, уметност и култура од Санкт Петерсбург - „Что Делат“ којшто на Фестивалот ќе подготват перформанс и ќе имаат засебно претставување.

И кога сме веќе тука чисто информативно „Что Делат“ (Што да се прави?) е колектив на уметници, критичари, филозофи и писатели од Санкт Петерсбург, Москва и Нижни Новгород, којшто има за цел да ги спои политичката теорија, уметноста и активизмот. Групата е формирана во 2003 година.

Името на колективот се поврзува со првата организација на социјалистичкиот работник во Русија, која Ленин ја актуелизира во сопствената публикација: „Што да се прави?“ (1902). Колективот, како заедница која се занимава со огранизација на културни активности, но и со политизација на „продукцијата на знаења“ од 2003 година започнува со издавање на англиско-руски весник, фокусиран на актуелни прашања од руската културна политика, во корелација со меѓународните настани.

„Что Делат“ се застапуваатза за еднаквост на сите луѓе, притоа борејќи се против различните форми на патријахатот, хомофобијата и родовата нееднаквост. Своите идеи ги пренесуваат преку широка уметничка продукција на: филм, театарски претстави, радио програми, мурали, како и проекти, јавни кампањи и семинари. Главно се фокусирани на отфрлањето на сите форми на угнетување, вештачко отуѓување на луѓето како и нивно искористување и експлоатација. Тие инсистираат на еднаква распределба на природните ресурси и богатството произлезено од човековиот труд, со цел благосостојба за сите.

Делата на колективот се карактеризираат со надреална сценографија, типичност, употреба на ефект на отуѓување, но најмногу со аналитички пристап на конкретни социјални и политички проблеми. Сите овие активности се координирани од јадрото на групата составено од: Цаплја Олга Егорова (уметник), Артиом Магун (филозоф), Николаи Олеиников (уметник), Наталија Першина / Глјоклја (уметник), Алексеи Пензин (филозоф), Александр Скидан (поет и критичар) Оксана Тимофеева (филозоф), Дмитри Виленски (уметник) и Нина Гастева (кореограф).

Не помалку важно е и тоа што во рамките на Фестивалот неговите иницијатори отвораат и уште една тематска линија со наслов „Светот околу нас – критичките ставови во регионот“, која се застапува за развој и релевантност на критичката валоризација на уметничката продукција, укажувајќи на нужноста за едукација на автори кои критички ќе рефлектираат во полето на современите уметнички и културни продукции во сите медиуми.

Од формите на еманципација на работниците до режимите на идентификација со уметноста, од принципите на демократија до транзицијата во нејзините первертирани контексти, од теоријата на интелектуалната еднаквост до формите на задолжителен консензус изградени врз доминантниот апаратус, се чини дека живееме заробени во нашиот одраз на раскршените огледала на политичкото кое го илуминира и дизајнира уметничкото. Консензусот во секој транзициски историски, социо-културен контекст ја проголтува слободата која може да ја произведе само дисензусот, само разликувањето. Оттука го поставуваме прашањето, што е транзиција? Која беше нејзината цела? Како да процениме дали таа беше успешна или не? Дали транзицијата можеше да успее и дали таа некогаш завршува? На крај, какви идентитети произведува?, појаснуваат од КОНТРАПУНКТ.

Кон ова и информацијата дека учесници на овогодинешниот КРИК – Меѓународен фестивал на критичка култура се и Миљенка Буљевик, Антонија Летиниќ, Лука Остојиќ и Лујо Парежанин од Хрватска, Весна Милосављевиќ од Србија, Лара Плавчак и Миха Келемина од Словенија и нашите Сузана Милевска, Небојша Вилиќ и Владимир Јанковски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG