Достапни линкови

Со измени во Судскиот совет до независно судство


Архивска фотографија - Прес-конференција на Судскиот совет, кога не негово чело беше Зоран Караџовски.

Поранешниот претседател на Врховниот суд Дане Илиев вели дека Судскиот совет не ја врши основната функција и директно влијае врз загрозување на правото. Експертите, измeните во Судскиот совет, ги оценуваат како потребни за овозможување независност во судството и ставање крај на политичките влијанија.

Поранешниот претседател на Врховниот суд Дане Илиев смета дека состојбите во Судскиот совет се загрижувачки и дека ова тело директно влијае врз загрозувањето на владеењето на правото во Македонија. Според неговите зборови, Судскиот совет од првиот состав покажал дека не води грижа за она за кое е основан, да обезбеди независност на судството. Ниту едно од моите некогашни укажувања до тогашните власти, вклучувајќи ги и тие дека се брза и оти не е едноставно да се воведе таков систем, не беа послушани, потсетува Илиев.

Она што посебно паѓа во очи е тоа што од самиот почеток се наметна позицијата на политичко влијание во изборот на судиите и нивниот статус, коментира поранешниот претседател на Врховниот суд.

„Со кадри кои не беа за во Судскиот совет, со проблематични избори на кадрите од првиот Судски совет, со негово конституирање во недоволен број, немаше број на избрани членови итн. Сето тоа се провлекува до денешната состојба со тој Судски совет во кој луѓето не знаат што работат, не знаат зошто се таму, освен да спроведуваат некои политички влијанија, односно избори кои не соодветсвуваат на потребата на судството“, изјави Илиев, кој е гостин во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Во Македонија, Судскиот совет е воведен како Републички судски совет веднаш по осамостојувањето и прогласувањето на Уставот, а подоцна претрпе измени и сега е само Судски совет.

Поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца - Николовска, смета дека Судскиот совет, така како што е конципиран, не ја врши функцијата целосно и оти има големи злоупотреби, посочувајќи дека тоа се случува првенствено зашто мандатот на членовите им трае долго време со можност и да се повтори.

Судиите кои се членови на Судскиот совет ја забораваат својата основна функција, судската функција, истакнува Николова. Според неа, другите членови досега не покажале одредена квалификација како правници кои заслужуваат да бидат членови на Судскиот совет, потенцирајќи дека причините за нивните избори ги знаат тие што ги предлагале и избирале членовите на Судскиот совет.

Поранешната судијка во Стразбур оценува дека се потребни измени во Судскиот совет и во прилог на тоа укажува на промените на судските совети и во регионот.

„Веќе во Словенија и Хрватска има депрофесионализација каде членовите на Судскиот совет не се членови кои само таа функција ја вршат, напротив ја вршат својата судиска функција, а членството во Судскиот совет е дополнителна функција. Сето тоа е да се олабави размислувањето дека членовите на Судскиот совет се недопирливи“, вели Цаца - Николовска.

Според експертите, проблем е и што според законот членовите на Судскиот совет немаат одговорност во врска со извршувањето на нивната функција.

Нема орган кој може да оцени кога ќе погрешат, освен делумно Собранието, ниту има орган кој може да ги разреши, вели Цаца - Николовска.

Таа измените во судскиот совет ги оцени како потребни за овозможување на штитење на независноста на судството.

„Од аспект на професионализам, а не како досега со големи политички влијанија и кај членови на Судскиот совет од причини што на јавноста веќе и се познати“, вели Цаца - Николовска.

Таа нагласи дека за прашањето за измени во Судскиот совет потребна е голема дискусија и презентирање, преку која јавноста ќе го слушне мислењето на луѓето кои се занимавале со оваа проблематика.

Забелешки на адреса на Судскиот систем веќе подолго време стигнуваа од Европската комисија.

Во јавноста и натаму се актуелни сомневањата дека се правеле злоупотреби со системот за електронска распределба на судски предмети, кои ги потврди и експертот Рајнхард Прибе.

Во неодамнешниот извештај тој јасно пишува дека постојат кредибилни индиции дека во АКМИС системот кој претставува автоматизиран информациски систем за управување со судските предмети повремено се мешале одредени луѓе, со цел да се осигура некои чувствителни предмети да паднат кај одредени судии. Слабоста на системот е што голем број на различни актери од Судскиот совет, Врховниот суд, претседателот на судот и министерот за правда делат одговорност за пристапот до системот наведе Прибе.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG