Достапни линкови

Ликовната група ПРЕСЕК со „Артерии“ кон нова естетска хармонија


Ликовната група ПРЕСЕК
Ликовната група ПРЕСЕК

„Артерии“ е насловена изложбата на ликовната група ПРЕСЕК, што од денеска до 11 декември ќе се одржи Изложбениот салон на Завод и Музеј – Струмица. Станува збор за втора постановка на уметничкиот проект на четири современи сликари - Љупка Галазка Василев, Марјан Ѕингаров, Никола Пијанманов и Ване Костуранов, чија основна цел е „да направи пресек помеѓу естетското загадување и спонтаното уметничкото здружување“.

Ликовната група ПРЕСЕК е уметнички проект на четири современи струмички сликари. Формирана како контра аргумент на ликовно визуелната апатија во градот, основната цел на групата која ја чинат Љупка Галазка Василев, Марјан Ѕингаров, Никола Пијанманов и Ване Костуранов е да направи пресек помеѓу естетското загадување и спонтаното уметничкото здружување. Да ја разбуди визуелната свест и култура и да стори деконтаминација на изгубените простори на периферијата.

Од друга страна, како што велат, нивното дејствување нема да ги разводни индивидуалните авторски уметнички стилови и ставови, туку ќе ги кристализира преку единството на различностите со континуирано заедничко претставување. Ова подразбира дека, всушност, во испразнетите простори на културните институции, ПРЕСЕК е еден вид прогласување автономија на сликарството.

Од таму не чуди, кога Никола Пијанманов ќе рече дека во градот Струмица имало долгогодишна криза во ликовниот живот, речиси никакво ликовно здружение, дека старото здружение на ликовни уметници од градот не постои повеќе од две децении и дека се случил еден вакуум на луѓе коишто се занимаваат со ликовната уметност и дека затоа тие се собрале спонтано за да ја пополнат оваа дупка. Да направат пресврт и еден вид пресек на долгата тишина која се случува во ликовниот живот на овој град, инаку град со богата традиција и со една од најзначајните меѓународни ликовни колонии во земјава која слегува шест децении наназад.

„Решивме тоа да го прекинеме и на еден спонтан начин да дадеме допринос во развојот на ликовната култура на Струмица. Засега сме неформално здружение, неформална ликовна група, секој со свои индивидуални уметнички ставови, со свој авторски печат, но заеднички собрано ние создаваме една нова естетска хармонија која ми се чини дека од година во година ќе се развива и можеби отворени се можностите да се приклучат и нови членови сликари од помладата генерација“, вели Пијанманов.

Инаку, во каталогот за „Артерии“, писателот и литературен критичар Трајче Бјадов ќе забележи дека овие уметници „како да го воспоставуваат уште еднаш тој голем крвоток и ја доведуваат оксидираната крв повторно на вистинското место, во средиштето на градот, во центарот на нашето културно живеење, во тежиштето на нашата свест и внимание“. Секој од нив, претставува една артерија, еден особен полнокрвен глас, кој како ехограф го дијагностицира проблемот на денешната мачна стварност, пишува тој.

Потем за Љупка Галазка-Василев истакнува дека тоа го прави со својот изграден сензибилитет и непресушната дарба и желба да трага по нови простори, преку комбинирање техники и медиуми, нудејќи секогаш свежи решенија, кои ја надминуваат херметичната и заводлива апстракција, и отвораат една добро лоцирана, истражена и препознатлива емоција.

За Ѕингаров потсетува дека преку своето систематско тематско-мотивско проблематизирање на симболот, знакот, алегоријата се повикува на една проверена македонска ликовна традиција, но дека тоа никако не смее да се третира само како дијалог или некаква игра, која има за цел да го изнајде графичкото решение за добра композиција.

Според него, Никола Пијанманов во своите слики, пак, отвора едно оригинално, ликовно читање на вонликовните појави и теми (ако воопшто има такви). Тој истакнува дека „заробува неговото проникливо задлабочување во религиско-филозофско-историско-хуманистичките феномени, познавањето на христијанската симболика, филозофската запрашаност, историската перспектива, хуманизмот и познавањето на човечката душа“ и дека „неговите дела се книги што се читаат гледајќи“.

Конечно за Ване Костуранов ќе рече дека „го нуди можеби најособениот ликовен израз, ослободен од академизмот во сликарството, неговата потрага по приказната, нејзиното раскажување, донесувањето и пренесувањето на емоцијата доаѓа така лесно и природно, што едноставно не остава никого рамнодушен“.

Заедничко за сите нив е што не се откажуваат од традиционалниот медиум, и не се упатени како огромното мнозинство кон дематеријализација на уметноста кои наместо нудење уметност, ја нудат нејзината мрша во вид на концепти. Сите четворица има многу што да понудат и сите имаат свој идеја, но не робуваат на никакви концепти. Тие се новото антитело кое го уништува опасниот антиген што ја има инфицирано нашата крв, и поради кој не успеваме да ја видиме убавината што се создава, убавината која ни е дадена, убавината која ја раѓа секој град со срце – пишува Бјадов.

Интересно е и тоа дека ПРЕСЕК своето (повеќе несвесно) деби претставување го имале во декември минатата година, дека во меѓувреме, некаде летово, биле и во Гевгелија, и дека сега веќе се со мисла сето тоа полека да се развива во традиција и во тој период од годината редовно да ги претставуваат своите дела пред струмичката и воопшто македонската ликовна публика. Но тука и не завршуваат нивните амбиции.

Љупка Галазка Василев истакнува дека веќе добиле покана нивниот ликовен проект, идната година, да го претстават во полскиот град Груец, во рамките на меѓуопштинската соработка.

„Таквите патувања претставуваат еден поттик за нас и дополнителна мотивација се повеќе и повеќе нашата, сега за сега, неформална група да прерасне во некоја да не кажам посериозна ликовна институција којашто ќе ги креира донекаде културните политики на локално, па ако сакате и на национално ниво. И се разбира ќе се обидеме да воведеме едни нови стандарди, односно да ги вратиме вредностите во ликовната култура во нашава земја“, вели уметницата.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG