Достапни линкови

Рапидно опаѓа бројот на трудови инвалиди


Работнички во текстуилна индустрија.

Главни причини за намалувањето се бројните стечаи на претпријатијата и поригорозните критериуми за утврдување на инвалидноста, велат од Националниот Сојуз на трудовите инвалиди.

Во Македонија последните две декади има рапидно опаѓање на бројот на инвалидите на трудот. Оваа го тврдат преставниците на Националниот Сојуз на трудовите инвалиди во Македонија. Како главни причини за намалувањето на бројот на оваа категорија на инвалиди во земјава, претседателот на Националниот Сојуз на трудовите инвалиди, Христо Цанев, ги наведува бројните стечаи на претпријатијата во нашава земја посебно по периодот на транзиција, но исто така и поригорозните критериуми на соодветните комисии за утврдување на инвалидноста кај лица кои имаат проблеми со здравјето.

„Во Националниот Сојуз на трудовите инвалиди во Македонија се евидентирани над 40 илјади инвалиди на трудот. Тие не се работно способни и ги користат своите права во согласност со законот“, вели Цанев.

РСЕ: Има ли опаѓање на бројот на оваа категорија на инвалиди во споредба со минатото?

„Да има големо намалување на бројот на трудовите инвалиди. Во споредба со пред десет години бројката на инвалиди од оваа категорија денеска е многу помала. Ние се трудиме да помогнеме онаму каде што можеме, но стечајот и распадот на повеќе претпријатија, но и критериумите на комисиите кои одлучуваат за работно способноста се ригорозни. Многу од оние кои боледуваат од разни болести не можат да добијат инвалидска пензија“, вели Цанев.

Според централното раководство на Националниот Совет на инвалидите на трудот, се превземаат бројни активности за да се подобри положбата на оваа категорија на инвалиди , кои ја имаат изгубено својата работоспособност, додава Цанев.

„Имаме бројни средби во Министерството за труд и социјална политика, но и во други институции, се со цел да ги подобриме правата на оваа категорија на инвалиди. Станува збор за права кои се однесуваат пред сè на користење на јавен превоз, патарини, користење на бањско лекување и др.“

Во последно време претставниците на Националниот совет вршат и посети на локалните здруженија на инвалидите на трудот со цел да се утврди состојбата во која тие работаат. Така беше и во Дебар каде што претставниците на Националниот совет заедно со претставниците на локалното здруженија оценија дека дебарското здружение работи во навистина тешки услови. Овде исто така велат дека и во општина Дебар има рапидно намалување на бројот на трудовите инвалиди.

  • 16x9 Image

    Кенан Мимидиновски

    Кенан Мимидиновски, роден 1954 во Дебар. Завршил Правен факултет во Скопје, а со новинарство професионално се занимава 30 години. Најпрвин во Радио Дебар како новинар, а подоцна 12 години и како главен и одговорен уредник . Дописник на Радио Слободна Европа од Дебар е од 2001 година.

XS
SM
MD
LG