Достапни линкови

Според ВМРО ДПМНЕ, полиција влегла во домовите на пратениците Мукоски, Арнаудов, Василевски


Илустрација-пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски и други пратеници

Полицијата изутрината покрај приведувањето на поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков влегла и во домовите на неколку пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, потврдуваат за Радио Слободна Европа извори од ВМРО-ДПМНЕ.

Полицијата, како што велат, истите извори, влегла во домовите на пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов и други. Од МВР засега нема детали, а од партијата велат дека не може да прецизираат дали се приведени или не, бидејќи се недостапни на нивните мобилни телефони.

Инаку поранешниот министер за внатрешни работи и директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков изутрината бил уапсен по налог на Јавното обвинителство. Од Министерството за внатрешни работи и од Основното јавно обвинителство, како што јавува МИА, повеќе информации најавуваат во текот на денот.

Според првичните сознанија, Чавков бил уапсен во врска со истрагата за насилствата во Собранието од 27 април, кога раководеше со оперативниот штаб на МВР. Од пониските структури од МВР тој беше посочен дека два часа не давал наредба за дејствување на полицијата, со што го довел во опасност животот на пратеници и пратеници и новинари. Се очекува Чавков да биде донесен во Кривичниот суд пред судија за претходна постапка.

XS
SM
MD
LG