Достапни линкови

Жителите на Мосул сами ги откопуваат своите домови


Жителите полека се враќаат во она што останало од ирачкиот град Мосул, за да ги ископаат своите домови со нивни раце. Ирачките трупи, поддржани од коалицијата предводена од САД, ја презедоа контролата врз градот во јули годинава по крвавата осуммесечна битка, истерувајќи ги милитантите на Исламската држава, кои го освоија градот во 2014 година. Но, тешко е да се најдат знаци на опоравување.

Степенот на уништувањето на овој некогаш просперитетен град во Ирак го одзема здивот.

Улиците, домовите, продавниците и канцелариите станаа урнатини за време на тригодишното владеење на милитантите на Исламската држава и битката за ослободување на Мосул.

Ирачките војници, поддржани од коалицијата предводена од САД, конечно го вратија Мосул во јули годинава, по бруталната осуммесечна борба.

Остатоци од мртви милитанти се уште се наоѓаат под урантините. Сепак, жителите полека почнаа да доаѓаат дома.

Ријад Хишам, жител на Мосул, вели:

„Ние се вративме овде, бидејќи немаме друг дом. Искрено, немавме ништо на друго место. Ова се тешки услови. Кога заминавме од тука избегавме од сигурна смрт, фала му на Бога. Кога велат дека нешто е под нулата, е ние сме уште полошо од тоа. Имаме многу долгови. Фала му на Бога, сега сме тука, почнавме да ја чистиме областа со свои раце“, вели тој.

Ирак конечно прогласи победа над милитантите низ целата земја. Само во Мосул, илјадници беа убиени, а стотици илјади беа раселени.

Закрепнувањето, доколку го има, се одвива бавно.

Многумина сè уште немаат ни основна инфраструктура и услуги.

„Сè што бараме е вода, електрична енергија и што е најважно главната улица да биде повторно отворена, а урнатините да се отстранат. Ако главната улица повторно се отвори, а урнатиот дел се отстрани, можеме повторно да ги изградиме нашите куќи“, вели еден жител.

Жителите се жалат на недостиг на помош од владини и меѓународни агенции.

Повеќето луѓе се уште не се вратија. Но, за други, ова е единствениот дом што го имале, и тие се среќни да се вратат, и покрај сето ова уништување.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG