Достапни линкови

Неделни пратенички прашања за поголема контрола врз Владата


Архивска фотографија - Премиерот Зоран Заев на Седница на собраниската Комисија за европски прашања.

Неделните пратенички прашања ќе ја зголемат транспарентноста на власта и ќе им дадат можност на пратениците, а со тоа и на граѓаните да контролираат што и како работи Владата.

Парламентот прво треба да профункционира во вистинската смисла на зборот, за да почне да ја врши својата улога на контролор на извршната власт, велат поранешни пратеници по барањето на премиерот еднаш неделно да има тематски пратенички прашања.

Освен редовните, кои се одржуваат еднаш месечно, премиерот Зоран Заев побара од претседателот на Собранието, Талат Џафери, да се одреди термин еднаш неделно Владата да одговара на пратенички прашања во траење од еден час. Џафери треба да го одреди времето и форматот на пратеничките прашања. Во писмото на Заев до Џафери се наведува дека владата се обврзала за поддршка на низа мерки со кои ќе се врати демократскиот амбиент во Парламентот. Се наведува и дека ќе соработуваат со опозицијата и ќе се погрижат надзорната функција на Собранието и собраниските тела над работата на Владата и нејзините безбедносни и разузнавачки служби да биде редовна и рутинска.

Поранешниот парламентарен спикер, Стојан Андов, вели дека практиката секоја недела да има пратенички прашања ја има во британскиот парламент, а дека во нашиот засега се застапени бојкоти и блокади. Тој вели дека допрва треба да се договори форматот, но во секој случај е добра работа, само изразува сомнеж дали би било возможно во македонски услови. На тој начин ќе се зголеми и контролата на Парламентот врз Владата, додава тој.

„Прво треба да обезбедиме Собранието редовно да си ја извршува функцијата. Ако тоа се постигне, тогаш треба да се види дали може еден ден да има соочување на пратениците со владата. Тоа ќе ја зголеми одговорноста и на пратениците и на претставниците на владата, ќе се види кој си ја тера работата, а ќе се види и дали кај пратениците некој ја разбира работата па да поставува прашање, или седи таму само да прави збрки, тоа е и зголемена парламентарна контрола над извршната власт“, вели Андов.

Во британскиот парламент еднаш неделно пратениците поставуваат прашања до премиерот, а има и политичка „пресметка“ на премиерот со лидерот на опозицијата.

Поранешниот пратеник Исмет Рамадани, вели дека ќе се зголеми одговорноста на владата ако секоја недела се соочуваат со пратениците.

„Време беше еден премиер, една влада да се определи за поголема транспарентност и отчет кон Парламентот, тоа значи и отчет кон граѓаните, затоа што таму се претставниците на граѓаните – пратениците. Во исто време тоа е порака и за другите институции дека Парламентот е главниот столб и треба да ја игра својата улога, а и граѓаните секогаш ќе бидат информирани како и што се работи во Владата и дали нивниот глас даден на изборите се почитува“, вели Рамадани.

Предвидените реформи во Собранието се дел од владиниот план 3-6-9, за приближување на земјата до ЕУ. Во планот меѓудругото стои и дека Владата ќе даде свој придонес за целосна имплементација на препораките нотирани во извештајот на Анкетната комисија за утврдување на состојбите по немилите настани на 24 декември 2012 година, особено актуелни по настаните од 27 април 2017 година.

Досега честа пракса беше терминот резервиран за пратенички прашања да се користи за пофалби за работата на власта, а опозицијата често и не учествуваше на седниците. Тогашната опозиција, сега на власт, обвинуваше дека Собранието не ја контролира Владата, туку само ги исполнува желбите на врвот на ВМРО-ДПМНЕ.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG