Достапни линкови

Цибиќ со проектот „Нада“ во Чифте амам


Цибиќ „Нада“ дел 1
Цибиќ „Нада“ дел 1

Со предавањето „Рихтер – Цибиќ“, кое ќе го одржи кураторката Весна Мештриќ од Музејот на современа уметност од Загреб, овој четврток, на 23 ноември, во 18 часот, во Националната галерија на Македонија, во објектот Чифте амам, ќе биде претставен проектот „Нада“ на словенечката авторка Јасмина Цибиќ. Во оваа „филмска трилогија“, меѓу другото, се укажува и на дел од историјата на Скопје, градот што се уште трага по сопствениот идентитет.

Во соработка помеѓу Националната галерија на Македонија и Музејот на современа уметност од Загреб, Хрватска, во периодот од 23 ноември до 4 декември, во објектот Чифте амам, ќе биде прикажана филмската трилогија на Јасмина Сибиќ насловена како „Нада“. Станува збор за труд на словенечката уметница која го истражува периодот на 1960-те години на просторот на поранешна Југославија. Тоа го зема како лајтмотив за своите филмови и всушност го интерпретира на еден свој високо естетизиран начин.

Говорејќи за проектот, кураторката Весна Мештриќ, вели дека тој се потпира токму на таа модернистичка традиција и во средиштето го поставува прочуениот југословенски павилјон на Вјенцеслав Рихтер, хрватскиот архитект и уметник кој на светската изложба во Брисел потпишал едно исклучително остварување.

Како архитект, Рихтер бил меѓу клучните лица одговорни за креирањето на уметноста и на визуелниот идентитет на југословенските павилјони на меѓународните изложби. Тој дизајнирал национални павилјони за две светски изложби каде Југославија учествувала по Втората светска војна. Покрај тоа, ко-автор бил на вилата Загорје во претседателската палата (сега Кабинетот на претседателот), во која за време на престојот во Загреб отседнувал Јосип Броз Тито.

Инаку, основата на проектот „Нада“ се чини дека се оригинално дизајнирани, но нереализирани решенија на Рихтер за југословенскиот павилјон на Експо 1958 година во Брисел, кои уметницата ги презема и гради како скулптура која е столбот на нејзиниот нов краток филм.

Во оваа едноканална видео инсталација, виолинистката Дејана Секулиќ постојано ја прилагодува архитектурата на музичката нотација „Чудесниот Мандарин“, музичка композиција за балет на Бела Барток, која била уметничко дело избрано да ја презентира Југославија во својот најважен момент во Брисел - Национални денови - кога целта била да се зголеми јавниот интерес. Фактот дека балетот е избран за презентација во најрепрезентативен момент сам по себе е интригантен, бидејќи токму тоа дело системски го забранувале различни политички системи заради неговото експлицитно дејство - конфликт на проститутка и нејзините клиенти и заводници.

Од друга страна, како што појаснува Мештриќ, Рихтер повеќекратно е поврзан со Скопје. Тој во раните шеесетти години од минатиот век го предлагал и го работел проектот на Историскиот музеј кој не бил реализиран, а потем и на реконструкција на Скопската тврдина.

„Денес трудот на Јасмина Цибиќ го носи Венцеслав Рихтер повторно во оваа средина, едновремено говорејќи и за сите историски авангарди присутни во другите два филма на авторката, а кои реферираат и на трудовите на прославените архитекти како Мис ван дер Рој и други. Јасмина во видео инсталациите „Нада, акт I“, „Нада, акт II“ и „Нада, акт III“ ги истражува начините на кои уметноста и архитектурата биле вклучени во реализацијата на националните идентитети. Сосема сигурно тука е и Скопје како многу специфична средина која поврзува различни културни кругови и наследства и која и денеска го бара својот идентитет. Уште повеќе ова дело го евоцира тоа наследство од шеесеттите години, но во една нова интепретација“, вели кураторката Весна Мештриќ.

Таа дополнува дека токму нереализираните решенија на автори како Кензо Танге или Оскар Хансен и Вјенцеслав Рихтер, од Скопје направија едно од митските места на европскиот модернизам на шеесеттите години.

„Јасмина Цибиќ со својот проект, во годината на стогодишнината од раѓањето на Рихтер, се посветува не само на модернистичката утопија во архитектурата, туку, исто така, на видливотото и невидливото ткаење на односите и моќта испреплетени во архитектурата, но исто така и во животот на архитектот, и тврди дека официјалната историја притоа често се занемарува“, смета кураторката.

Родена 1979 година во Љубљана, Јасмина Цибиќ се занимава со перформанси, инсталации и филм, применувајќи низа активности, медиуми и театарски тактики за редефинирање или преиспитување на специфични идеолошки форми и кадрирачки инструменти како што се уметноста и архитектурата. Нејзината работа вклучува паралели помеѓу изградбата на националната култура и нејзината употребна вредност за политички цели, поттикнувајќи го гледачот да размисли за безвременоста на механизмите на психолошка и мека моќност која авторитарните структури ги користат во сопствената реинсерција и реинвенција.

Таа ја претставуваше Словенија на 55. Биенале во Венеција со својот проект „За нашата економија и култура“, а нејзините неодамнешни изложби вклучуваат самостојни преставувања во МСУ Загреб, МСУ Белград, МСУВ Нови Сад, МГЛЦ Љубљана и Музеј на Лудвиг Будимпешта, заедно со групни поставки во Ла Паначе Монпелје, Градска галерија Велингтон, МНХА Луксембург, Музеј Јоанум Грац и калифорнискиот колеџ Уметност.

Филмовите на Цибиќ неодамна беа прикажани на Филмскиот фестивал во Пула, ХКВ Берлин, ЦЦА Ласниа, Лес Ренконтерс Интернационал Париз, Докефест Касел и Меѓународниот фестивал на документарен филм во Копенхаген.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG