Достапни линкови

Општина Битола тоне во долгови


Седница на Совет на Општина Битола.
Седница на Совет на Општина Битола.

Од актуелната опозиција, кои ја водеа општината во последната деценија, се правдаат дека годината била политички нестабилна, па затоа Општината должи. Новата власт ќе ги ревидира сите трошења, но нема да штеди на развојни проекти.

Општина Битола ќе мора да штеди во следниот период за да ги врати долговите што ги наследи од претходната локална власт во износ од околу 13 милиони евра.

Градоначалничката, Наташа Петровска, најави дека веќе се подготвува посебна програма за консолидација на буџетот за следните години во која ќе се ревидираат сите нерационални и непродуктивни трошења. Но, нема да се штеди на развојните проекти.

Според неа, потрошени се парите за инфраструктура и други зафати за следните три-четири години, не се исплатени долговите за „Битфест“, освен кон привилегирани фирми и институции, фактури за извршени работи, потпишани договори, судски решенија, споменикот за Александар Турунџев и друго.

„Општината е тужена за позамашни суми, а тужбите се интензивираат во последно време. Ова наметнува прашање дали постои поврзаност помеѓу некои добавувачи и поранешното раководство да чекаат за наплата на своите побарувања и потоа на крајот на мандатот да тужат и да ја блокираат работата на Општината“, рече Петровска.

Таа подели и листа со фирми и институции на кои претходната локална власт предводена од екс градоначалникот Владимир Талески му исплатила за ангажманот на културното лето „Битфест“ годинава, а на некои не. Најголема сума од 1,5 милиони денари Општината му исплатила на Народниот театар од Битола, каде Талески беше актер пред да стане градоначалник и каде се врати по мандатот. Но, Општината го немала истиот однос кон другите институции од културата во Битола. Така, за „Битфест“ останала должна кон Завод и музеј со 300.000 денари, Библиотеката 200.000 денари и Центарот за култура 100.000 денари.

„Бодат во очи некои исплати за таканаречениот „Битфест“ за што годинава се исплатени повеќе од 220.000 евра. Силно ја поддржувам културата, но се спротивставувам под закрилата на културни манифестации да се вршат исплати кон привилегирани поединци“, вели Петровска.

Во краткорочните мерки донесен е и ребаланс на буџетот, со кој се издвоија пари за да се платат обврските кон спортските клубови, договорните вработени во општината од претходната власт, културни манифестации, тужби и друго.

Ваквото финансиско работење на претходната власт во Советот на општината од сегашната опозиција го бранеше само Николче Јанкуловски, советник од ПОДЕМ. Тој рече дека ребалансот на буџетот е нормална работа и го имало и во претходните години. А околу долговите одговори дека се должат на тоа што 2017 година била крајно политички нестабилна.

„Од самиот почеток на беше формирана Владата, забрането беше да се вршат исплати и реализација на претходно зацртани набавки или градежни работи. Потоа следуваше период кога не се знаеше дали ќе има редовни локални избори. Потоа од Министерството за локална самоуправа добивме исвестување дека се продолжува мандатот, но со скратени ингеренции. Во текот на летото беа единствените месеци кога општинската администрација можеше да распишува тендери, да ги реализира и исплаќа. Во август од министерот за финансии Драган Тевдовски добивме известување дека заради распишаните локални избори забрани да има исплати, освен за редовните“, рече Јанкуловски.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG